пишува: РИБАРО
Откако Мицковски силно посветено и беспрекорно прецизно ги координираше добивањето на помош од сестринските партиско-државни раководства, информациите до кои дојдоа агентите на АХА, велат дека Мицкоски така силно лобирал и притискал и кај домашните компании, банки, политичари и бизнисмени. Мицкоски притискал и кај несестринските домашни политичар и како резултат на неговата посветеност и извонредна умешност на убедување, издејствувал помош во производи и пакети и од наши компании и политичари.
Како што известуваат нашите агенти, на тој негов политички и џентлменски шарм не одолеал ни лидерот на СДСМ Зоран Заев и токму онаа помош и пакети што ги гледавме деновиве како семејството Заев ги донираат, всушност е заслуга на Мицкоски.
Александар Николовски, вчера истакна дека и тоа што 15 години Заев својата плата ја донирал во хумани цели и помошта која ја донира деновиве семејството Заев, е издејствувана од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и дека за тоа не треба да има никаква дилема. Во таа прилика изверзираниот Влатко Ѓорчев успеа да ги наброи и сите населени места во Македонија во кои стигнала помошта што ја испратил Заев и неговото семејство, а секако како што потенцира и Ѓорчев сето тоа било излобирано од страна на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ господинот Христијан Мицкоски, лично.
Заеви сѐ уште не излегле да ја потврдат оваа информација, но од Белата палата велат како и би излегле кога сите заслуги за тоа се само на Мицкоски
Извори на АХА наведуваат дека Мицкоски директно посредувал и во Кинеската помош која ја доби и Италија. Дознаваме дека помошта што им стасала на Србија од Кина всушност била наменета за Македонија, но пилотот го згрешил аеродромот, па наместо во Скопје завршил во Белград. Јавна тајна е и тоа дека Мицкоски и Славески биле единствените заслужни за трилионскиот пакет што се спрема од Светската банка за ублажување на економската криза на сите држави од светот.
Агентите на АХА ископаа дека Мицкоски, а не Тесла е заслужен и за пронајдокот на наизменичната струја, дека под директна негова сугестија е добиена и БСЖ вакцината. Во архивите на Белата палата постојат докази дека Мицкоски, а не Нил Армрстронг прв стапнал на месечината, дека тој ги дешифрирал хиероглифите и купишта други заслуги без кои модерниот свет не може да се замисли.
Изворите велат дека откритијата и заслугите на Мицкоски, од Белата палата ќе ги пласираат дозирано, за да не ни дојде премногу воодушевување и да не падниме во некој дервишки транс од мицковата сестрана умешност и филантропија.
Им благодариме и за тоа!
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK