Поради епидемијата на корона вирусот и ограничувањето на движењето над 10.000 вработени во туризмот во приморските градови во Словенија останаа без работа, информираа од Крајбрежната синдикална организација.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, во овој период лани, 54 отсто од сместувачките капацитети во приморските градови во земјата беа исполнети, а сега поради епидемијата тие се комплетно затворени.
Според најоптимистичките предвидувања, хотелите и рестораните во Копер, Изола, Пиран, Порторош и Анкаран ќе бидат отворени кон средината на мај.
Во Словенија веќе има идеја која се почесто се споменува во медиумите, а тоа е летните одмори Словенците да ги поминат дома во земјата и на тој начин директно да му помогнат на туризмот, тешко погоден од епидемијата на корона вирусот.