Владата донесе Уредба за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита за време на вонредна состојба. Целта на овие измени, покрај другото е да се овозможи брз влез во системот на социјална заштита и за граѓаните кои останале без работа за време на кризата, а кои не ги исполнуваат условите за остварување на паричен надомест за време на невработеност. Тоа се и граѓаните кои се избришани од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кои работниот однос им престанал спогодбено, по нивно барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос.
Потребата од донесување на овие измени, произлезе од сознанијата дека одредени работници мораа да потпишат спогодба за престанок на работниот однос или работниот однос и престанал по друга основа за време на кризата.
Согласно донесените измени, за материјално необезбедено се смета домаќинство чија вкупна висина на сите приходи на сите членови на домаќинството по сите основи во месецот пред поднесување на барањето за остварување на правото на гарантирана минимална помош и во месецот пред тековниот месец на користењето на правото е пониска од висината на утврдената гарантирана минимална помош.
Право на гарантирана минимална помош може да оствари домаќинство во кое член на домаќинството е избришан од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кој работниот однос му престанал спогодбено, по негово барање или со отказ од работодавецот поради кршење на договорните обврски или други обврски од работниот однос.
Тоа значи дека право на социјална помош ќе добијат и материјално необезбедните домакинства во кои член на нивното семејството останал без работа, а не ги исполнува условите за остварувањето на правото на паричен надомест согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Со оваа уредба покрај другото се олеснува и пристапот на материјално необезбедените домаќинства до правото на гарантирана минимална помош и се овозможува остварувањето на паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството и во месеците од април до септември 2020 година.
Надоместок заради попреченост и надоместок за помош и нега од друго лице, се продолжува врз основа на наодот и мислењето од надлежната комисија за време на траење на вонредната состојба, како и два месеци од денот на престанок на вонредната состојба.
Воедно се овозможува стручните лица даватели на јавни услуги, вработени во јавни и приватни установи за социјална заштита и кај други даватели, да вршат стручна работа во дејноста социјална заштита за време на траење на вонредната состојба.
Симона М. Живкова