Заменичката на Претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, денес преку видео обраќање до граѓаните информираше за мерките и сите досега преземени чекори за помош на секој кој се соочува со проблеми во текот на епидемијата со корона вирусот.
Царовска своето обраќање го започна со презентација на мотото „се грижиме за сите“, со што се опфатени низа мерки за олеснување на животот на оние кои се на било каков начин погодени од кризата.
Моја, но и заложба на Владата е никој да не биде изоставен од сите политики кои сме ги креирале досега. Водени по недискриминација и почитување на човековите права, искреиравме мерки кои се однесуваат на формалните и неформални работници, на младите, децата и на возрасните, на социјално ранливите групи граѓани, на лицата со попреченост и сите оние кои сега имаат потреба од засилена поддршка, рече Царовска.
Некои од преземените чекори беа воспоставување протоколи за заштита на работниците, обезбедување полесен пристап до социјална заштита, успешно спроведена настава на далечина во сите училишта, олеснувања за лицата со попреченост и соодветни мерки во време за полициски час.
На крајот од своето обраќање, таа ги повика граѓаните да ги користат овие мерки со цел да се олесни и побрзо да се преброди ситуацијата со корона епидемијата кај нас.
А. Н. С.