За работата на градинките разговаравме на Комисијата за заразни болести и за тоа сѐ уште траат консултациите во рамки на нивната експертска група, ќе ги контактираме и самите градинки, за да се изработи посебен протокол, истакна министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција.
Свесни сме, посочи министерот, дека е навистина тешко и голем предизвик, заради тоа што децата нормално дека се во ризик практично да бидат трансмисија на болеста, таму некои правила многу тешко може да се одржуваат.
– Сакаме да донесеме еден план што навистина ќе може да се спроведе, посебно што градинките мора да бидат во функција кога сите ќе се вратат на работа. Во наредните денови кога планот ќе биде готов ќе дадеме повеќе информации за тоа кога и на кој начин градинките ќе почнат да работат, додаде Филипче.
Следната недела ќе се знае и кога ќе се врати администрацијата на работа. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека до крајот на неделава Комисијата за заразни болести ќе одлучи како да се имплементираат мерките, а од следната недела тие ќе почнат постепено да се имплементираат.
-Мерката носење заштитна маска, доколку се почитува, може да дозволи постепено враќање и организација на работните единици, компании и администрацијата во функција. Треба да најдеме и соодветно решение за градинките. Оваа недела подготвуваме сѐ во рамки на активностите на Комисијата за заразни болести и веројатно од следната недела постепено ќе се имплементираат овие мерки и тоа дел по дел така како што ќе одредат експертите, изјави министерот Филипче.
А. Н. С.