ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home КУЛТУРА

Ден на македонскиот јазик, 5 мај

Со прогласувањето на македонскиот јазик во 1944 за службен јазик на Федерална Македонија, а неполна година подоцна, на 5 мај 1945 со претставувањето на македонската азбука и правописот на 7 јуни, завршува кодификацијата на македонскиот јазик.

May 5, 2020 08:34
in ДЕНЕС, КУЛТУРА
Share on FacebookShare on Twitter

По повод 5 Мај – Денот на македонскот јазик, којшто се одбележува втора година, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (ИМЈ) електронски ќе објави десет книги за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.

Станува збор за книгите „За македонскиот јазик“, книга 11 од Посебните изданија на ИМЈ, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски; Осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор: Снежана Велковска (најновите зборници ги има на веб-страната на Институтот, а останатите електронски недостапни изданија се во подготовка за објавување); Фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски (кому на овој начин ИМЈ му го одбележува 95. роденден).

Од ИМЈ потсетуваат дека електронското издание на „Правописот на македонскиот јазик“ е подарок до народот од Владата, од Институтот, од НУБ и од авторите.

– Време е 4.200 страници од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ да станат достапни во електронска форма за народот и за светот, за што ја бараме поддршката од Владата и од релевантните институции. Време е за дигитализација и за електронско издаваштво! Годинешниот Ден на македонскиот јазик нека биде уште еден поттик за тоа!, порачува директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, во обраќањето по повод Денот на македонскиот јазик .

Посочува дека светот признава постоење на над 6.500 јазици. Само неколку стотини од нив се издигнале на ниво на службен јазик на еден народ во една држава, а јазикот на Македонците е еден од избраните.

– Уште во деветтиот век браќата Кирил и Методиј, со помош на глаголицата, како оригинално писмо, ги превеле црковните книги на јазикот на македонските Словени од околината на градот Солун (во науката познат како старословенски и старомакедонски). Со благослов на папата, овој јазик станува четвртиот признат јазик во светот што е достоен за Библијата и за Бога. Подоцна, постапно, кирилицата го зазема своето место во писмената традиција.

По многу векови, со прогласувањето на Федерална Македонија како држава, АСНОМ, на своето Прво заседание на 2 август 1944 година, донесува решение за воведувањето на македонскиот како службен јазик. Со објавувањето на македонската азбука на 5 мај и со усвојувањето на македонскиот правопис на 7 јуни 1945 година од Народната влада на Федерална Македонија, се случува кодификација на современиот македонски литературен јазик. Така, македонскиот јазик повторно се вбројува во избраните јазици на светот. Затоа, ја поздравуваме одлуката на Владата што ја донесе на својата 130. седница во април 2019 година (по препорака на Советот за македонски јазик) за востановување на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, потсетува Јованова-Грујовска.

Македонската азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик, со кое на македонски јазик се напишани и објавени илјадници книги што се читаат од Македонците, но и од припадници на другите нации кај нас и по светот.

Институтот за македонски јазик, укажува Јованова-Грујовска, достојно останува на задачите за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.

Институтот за македонски јазик, преку работата на своите проекти, преку постдипломските и докторските студии, како и преку објавените дела, веќе седма деценија ја промовира и ја потврдува азбуката, како и основните принципи за фонетски правопис, за застапеност на граматичките форми и „живите наставки“ (Блаже Конески) од централните говори и за збогатување на речникот од сите дијалекти.

– Седумдесет и петгодишната практика на македонската азбука и на правописот придонесе за успешна борба против неписменоста, за квалитетно образование, за поквалитетен живот на граѓаните, за промовирање на културната разновидност на Македонците и за зачувување на традицијата од нашите предци.

Со пиетет се потсетуваме на сите претходници, кои, со своето дело, низ вековите се вградиле во писмениот македонски јазик. Меѓу нив е визионерот што прв ја обзнани азбуката, нашиот патрон Крсте Мисирков, кој нè потсетува дека „јазикот е наше духовно благо“, зашто „јазикот е средство со кое ние познаваме што мисли, што чувствува и што сака нашиот соговорник“. Тука задолжително ќе го споменеме кодификаторот на македонскиот јазик, најголемиот афирматор на македонската азбука, правопис и речник, нашиот омилен професор Блаже Конески, кој ни порача „јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, наведува директорката на ИМЈ „Крсте Мисирков“ по повод Денот на македонскиот јазик./МИА/

Next Post

Филипче: Ќе имаме ново свето тројство: носење маска, одржување дистанца, миење раце

Shortcut

Најново

Резервисти, Арачиново, јуни 2001 година (фото извор: Википедија)

Судир на сведоштва и тврдења за проектите за поделба во 2001 година

August 16, 2026

Дерала во Voxeurop: Кога правосудството станува оружје, цената ја плаќа целата држава

August 16, 2026
Ивана Климпуш-Цинцадзе (фото: ЦИВИЛ)

Ексклузивно интервју на украинската пратеничка Климпуш-Цинцадзе за ЦИВИЛ МЕДИА: Слободата е нашата религија!

August 15, 2026

Создавањето и пресоздавањето на кинескиот тоталитаризам

August 15, 2026

Џелал Хоџиќ: Мицкоски трча маратон кон ЕУ, но спринт кон „српскиот свет“ (ВИДЕО)

August 15, 2026

НАЈЧИТАНО

  • ЗНМ бара итна истрага од МВР: Смртни закани и повици за насилство кон новинарот Ерол Ризаов

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Што ѝ порача отец Бережној од Православната црква на Украина на Македонската православна црква?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Пацови

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Битка за минатото и слепило за иднината

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Огнена стихија: Екстремни температури, човечки фактор и регионална криза

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk