Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во денешното гостување во отвореното студио на 24 анализа, потенцираше дека нема поважен приоритет од здравјето и ако состојбата не дзоволува избори, тоа треба да се земе в предвид.
„Како одговорни политичари треба да заземеме ставови со аргументи. И ние сакаме порано зошто никогаш не знаме дали ќе има нареден бран на вирусот. Дај боже да нема, но што ако сепак се случи? А во декември истекуваат четиригодишните мандатите тогаш ќе имаме уште поголема криза.“ – рече Заев.
Тој рече дека сега сме без Парламент и сме со техничка влада. Со свикувањето на Парламентот паѓа желбата во јуни да се оди на избори. Во однос на епидемијата, Заев потенцираше дека изборите ќе бидат поинакви и граѓаните треба да знаат за кого да гласаат.
„Избирачкиот ден одиме со маски, се прави идентификации, дезифицијанцот е задолжителен. Тоа е сепак една проекција. На лидерската средба после 7 дена ќе биде поинаква состојбата. Нема наеднаш да се појавиме и да не снема. Првиот момент да се оди на избори треба да го прифатиме. Анкетите и пред епидемијата покажаа дека рејтингот на СДСМ е пораснат. Опозицијата не треба да бега од избори.“ – рече Заев.
Неговиот политички опонент, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој беше соговорник во истата емисија пред Заев, рече дека првиот момент кога „ќе ја ставиме под контрола епидемија, ќе бидеме подготвени за избори“. Повторувајќи ги познатите тези дека за партијата е најважно здравјето на граѓаните, Мицкоски сепак посочи на одреден термин – првата половина на јули.
„Ако теоретски ме прашувате, согледувајќи ги оценките на ДИК тека им требаат 50-60 дена за организирање на изборите, и ако епидемијата се смири, тогаш би можеле да одиме на гласање во првата половина на јули“.