пишува: ДЕНИС ЈАНКУЛОВСКИ
Секојдневно ја гледаме дискриминацијата.
Секојдневно се бориме против дискриминацијата.
И пак и пак и пак, за жал, секојдневно ја гледаме дискриминацијата.
Им пречат деца кои се хиперактивни, им пречат деца кои се попасивни, им пречат деца кои се погласни, кои се потивки.
Им пречат деца кои имаат физички хендикеп, кои се во количка или им треба некое помагало за движење.
Им пречат деца кои не размислуваат како нив.
Им пречат деца кои љубовта, грижата кон други ја изразуваат на друг, необичен начин.
Им пречат деца кои не се според нивните норми и правила за “нормалност”.
А дали некогаш си помислиле дека всушност тие им пречат на овие необични, прекрасни, искрени, никогаш злонамерни деца? Дека тие се најголемата пречка овие деца да бидат со другите дечиња, да играат и растат заедно, да можат да уживаат во животот како и секое друго дете?
Дали некогаш помислиле дека нивната злоба и простотија предизвикуваат немир кај овие деца и нивните семејства?
Дали некогаш барем за момент се ставиле во улогата на необичните, нетипичните, дали се обиделе да зачекорат со нивните чекори и да видат како е на речиси секои 100 метри да наидуваш на препреки кои се најчесто умствени?
Дали некогаш стоеле настрана од детското игралиште затоа што родители ко нив ги учат децата дека треба да ги избегнуваат овие ЧУДНИВЕ затоа што можат да се заразат?
Страшно е ова што се случува. Борбата на семејствата со лице/лица со нетипичен развој е непотребно усложнета и секојдневно дополнително отежната. Се соочуваат на сите страни со секакви проблеми. Повеќето од тие и ги решаваат.
Но човечкиот проблем како да го надминат?