Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, по завршувањето на состанокот на најголемата политичката коалиција „Можеме“ која е, како што вели самиот, најголем фаворит на престојните избори, на прес конференција ги соопшти главните теми за кои се разговарало на состанокот.
Заев истакна дека нашата држава соодветно се справува со коронакризата и упати голема благодарност до сите кои се целосно посветени за да бидат од помош во справувањето со невидливиот непријател, и нагласи дека сепак не треба опуштање и упати заеднички апел до сите да ги почитуваат препораките.
Од дискусијата на коалицискиот состанок, заклучок е дека потребно е да има избори веднаш штом се создадат услови за нивно одржување. Доколку продолжи трендот на намалување на бројот на заразени и кризата се доведе под контрола, од здравствен, демократки и економски аспект е важно одржувањето на изборите. Моментално сме со техничка, а на земјата ѝ се потребни политичка Влада и Собрание со полн легитимитет, истакна Заев.
Околу најавените избори, за кои дополнително ќе се одлучуваат начините на одржување и термините, Заев, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека во соработка со експертите по чии совети се преземаат и превентивните мерки против ширење на корона вирусот, ќе се донесе одлука кога е најпогодно изборите да се одржат.
Со оглед на тоа што експерти најавуваат повторен бран од заразата наесен, навистина е потребно државата да биде во постабилна политичка состојба, бидејќи ако има повторно криза предизвикана од корона вирус, државата ќе остане надвор од какви било уставни можности, потенцира Заев.
Исто така, вели Заев, охрабрува и тоа што мисијата на ОДИХР може да се организира и да прати набљудувачи за изборите и додаде дека и во други земји во регионот се веќе закажани избори за истиот период.
На новинарско прашање за можноста за избори во јули, Заев истакна дека тоа не е пожелна варијанта заради високите температури својствени за тој период од летото.
А. Н. С.