Српскиот сервис за борба против лажните вести fakenews.rs откри лажна вест пласирана во три српски портали, кои тврделе дека британскиот јавен радиодифузен сервис БиБиСи во репортажа ја поставил Србија на второто место на земји што најдобро реагирале на почетокот на пандемијата на новиот корона вирус. Но истрагата на сервисот за борба против дезинформациите утврдила дека не постои таква репортажа, пренесува МЕТА.
Прв веста ја објавил telegraf.rs, а потоа преобјавиле и informer.rs и alo.rs. Во спорниот текст пишува дека Србија се нашла на второто место, по Словенија, со успешно справување – во контекст на тоа дека „Србија одржала лекција на Европа како се бори против корона вирусот“.
Откако новинарот од fakenews.rs со пребарување не пронашол репортажа за каква пишувале српските портали, контактирал со „БиБиСи“ и сервисот на оваа радиодифузна куќа на српски јазик.
Александра Никшиќ, уредничка на „БиБиСи“ во сервисот на српски јазик одговара дека нејзината куќа не објавила таква репортажа.
„Од она што се гледа, во тие текстови е земен еден пасус од една текстуална репортажа како различни земји се борат против вирусот и веројатно една вест за руската помош“, вели Никшиќ во реакцијата.
Новинарката на „БиБиСи“ Рејчел Шрајер, пак, за српскиот сервис за борба против лажните вести рекла дека единствениот текст што е објавен во текот на пандемијата во кој Словенија и Србија се споменуваат во контекст на рангирање е оној во кој Би-би-си го прикажува сликовито периодот кога државите во светот го регистрирале првиот пациент со Ковид-19 и редоследот по кој ги воведувале мерките за сузбивање на вирусот. Освен во приказот на временскиот редослед, на ниедна држава не ѝ е даден епитет за најдобра реакција.
И Гај де Лоуни, дописник на „БиБиСи“ од Балканот потврдил дека не пренел таква информација. Тој бил продуцент на кратка репортажа која ја ставила Србија на второ место на ранг листа, но станува збор за сосема различна вест и сосема друго – и негативно – рангирање. Имено, репортажата била за големото аерозагадување во Србија, проблемите со кои се соочуваат велосипедистите во градовите и „највисоката стапка на смртност во Европа поврзана со аерозагадувањето“.