Што се лажни вести, како да се препознае говор на омраза, колку меидумите допринесуваат за нивното ширење, што сè е потребно за прочистување на медиумскиот простор од ваквите појави, како и општествената улога на медиумите во време на пандемија, се дел од темите на кои Фронтлајн разговараше со новинарот Зоран Иванов.
ФРОНТЛАЈН: Каква е вашата оценка на медиумскиот простор со лажните вести и говорот на омраза?
ИВАНОВ: Со развојот на технологијата секој може да пласира вест, но не може секој да срочи и да пласира во јавноста вест што е од општествено значење, но во тој галиматијас на вести кога во ист момент секој може да произведе вести, да регистрира и да испрати вест и во тој момент тој е новинар. Ако тоа го прави граѓанин без никакви обврски кон моралните вредности на новинарската професија тој не е оптоварен од нешто такво, но кога тоа го прават медиумите имаме медиумски криминал на продукција на лажни вести и говор на омраза. Ако тоа го прават регистрирани редакции, професионални медиуми и луѓе што се занимаваат со новинарство, или мислат дека се занимаваат со новинарство тогаш општеството практично го губи контролниот механизам од тоа мноштово на дневно производство на многу вести од кои се повеќе за жал има лажни вести. Улогата на медиумите е тука голема во правење на селекција на тие вести, да проверуваат, да прашуваат, да откриваат лажна вест. Вест секој може да направи, но медиумите се тука да не пренесат вест без да проверат, без да го цитира изворот и да заврти неколку телефони за да ја провери автентичноста на веста и тука е суштината и оговорноста на медиумите во борбата против лажната вест. Многу од Копи-пејст порталите се повеќе го прават тоа. Освен порталите, за жал, тоа во последно време го прават и класичните редакции и некои телевизии се катадневни производители на пропагантичните вест, лажните вести и говорот на омраза. Тоа е таа една трауматична ситуација која се однесува за медиумскиот простор во Македонија. Медиумите сега можеби не го имаат ексклузивитетот на производство и пласирање на веста, но медиумите ја имаат моралната и етичката обврска која е составен дел на новинарството да ги прави корекцијата и селекцијата на лажни вест.
ФРОНТЛАЈН: Како еден граѓанин да препознае што е лажна вест?
ИВАНОВ: Многу е важно кога ќе ја прочитаат веста да видат кој им ја пласира веста, кој портал, дали му веруваат на тој портал. Дали е тоа вест од социјалните мрежи, или е тоа вест што е произведена во некој медиум. Граќаните може да го отворат Импреумот па да видат има ли име и презиме на новинар, главни уредници, кој е сопственик. Тука и класичните медиуми ја имаат улогата и новинарските здруженија, Советот за етика, јавно да откриваат кои медиуми шират лажни вести и говор на омраза, кои медиуми не проверуваат туку само пренесуваат вести. Има активност и на тоа поле, но мислам дека не е доволна. Обичниот граѓанин за да препознае која е лажна вест, треба да побара повеќе извори, да види дали ја има таа вест и на друг медиум, најважно е да се отвораат релевантни извори и редакции. А кои се релевантни редакции треба гласно и секојдневно да се зборува и јавноста и медиумите треба јасно да се селектира и да се одделат тие што имаат чесен однос кон јавноста и граѓаните и кон својата професија и да се одвојат
ФРОНТЛАЈН: Во последно време се забележува многу интересна ситуација, каде токму пласирачите на лажни вести и говор на омраза се обидуваат да ги декласираат оние другите медиуми што се на првата линија и што се борат против лажните вести и говорот на омраза. И тие медиуми користат тактика кажуваат дека другите се пласирачите на лажни вести и говор на омраза. Тука се прави една забуна кај публиката. Кој може тоа да го филтрира, дали тоа се медиумските здруженија, здруженијата на новинари или граѓаните?
ИВАНОВ: Само јавноста е тој критериум и филтер низ кој може да се филтрира што е вистина, а што не е, или кој пласира говор на омраза. Има редакции и професионални медиуми кои практично се гнездото на ширење на лажни вести, поготово сега во предизборен амбиент. Од авион се гледа дека одработуваат за некого. Не велам дека медиумот не треба да има своја уредувачка политика, но медиумот треба да е критичен кон секоја информација. Како се наближуваат изборите таа црна кампања ќе продолжува и говорот на омраза ќе биде се повеќе доминантен. Точно е дека има класични медиуми на кои луѓето им веруваат, а кои се промотори на говор на омраза и лажни вести. Можат и здужението на новинарите и Советот на етика, но сепак е јавноста таа која треба да се едуцира и да препознае што е што.
Гледајте ги реакциите по социјалните мрежи и коментарите што некои наши колеги ги читаат во разноразни емисии. И таму има селекција – ги пуштаат тие коментари што ним им одговараат.
Мислам дека на една лажна етика почива една цела уредувачка политика, тие практично се продукт, врелото на говор на омраза, кога од социјална мрежа, од некој приватен фејсбук статус ќе извадат некаков коментар против некој политичар и пола саат се анализираат тие два-три вулгаризирани збора, некакви атрибути кои се против некого и тоа е класично масакрирање и злоупотреба на медиум, без да се повика изворот, без да се повика личноста на кого се однесува тоа, без да се извагаат аргументите нели, само се вадат констатации во стилот: ете до вчера беше нивни, сега е нивни противник, за да се извлече констатација дека да, тие лошо работат, нели тие политички или бизнис или не знам какви структури. Мислам таква местенка е многу препознатлива, многу плитка и многу, да не се изразам пејоративно, е недолична за еден професионален медиум, а затоа реков во некои од нив тие се претвораат во гнездо на производство на говор на омраза па и на лажни вести.
ФРОНТЛАЈН: Во време кога освен точната информација, многу битно е и колку брзо е пласирана информацијата. Во ситуација кога на нашето поставено прашање до политичарите или институциите немаме одговор со часови, понекогаш и со денови, како ние како медиум ако имаме некаква ексклузивна вест да ја провериме, ако не сме добиле брз одговор?
ИВАНОВ: Прво мислам дека и ние новинарите треба да бидеме коректни, и ако некој одговор не може во моментот да се даде за тоа треба да се има разбирање нели, ако треба да се истражи и да се провери некој податок, има мноштво прес-конференции, некој од нас новинарите ќе праша нешто што е надвор од темата за која и соговорникот можеби не е најнадлежен за таа работа, голема грешка е на изворите на тие информации, поготово на прес-конференции кога ем не се надлежни ем се нафаќаат да одговорат на тоа прашање па ќе направат нели, уште некој гаф. Но, институциите, поготово сега последниве десетина-петнаесет, па и дваесет години веќе секоја институција, секое министерство, секоја агенција државна, сите јавни служби имаат свои луѓе одговорни за односи со јавноста, имаат свои аналитички центри поголемите, од министерства до не знам кои институти, тие можат многу брзо да подготват одговори и во истиот момент нели да се достави до редакцијата. Недозволиво е да помине ден редакцијата да нема одговор на било какво прашање, освен ако тоа не бара некоја анализа длабока нели, но затоа велам треба и медиумите и новинарите да имаат разбирање за тој тип нели на нивните потреби. Но главно, мислам дека изворите на информации сакаат да ескивираат нели кога се прашањата, поготово условно да речам непријатни, а се работи за јавни овластувања за јавни пари, се работи за пари на граѓаните за буџетски пари и која е одбраната од таков тип на затвореност на информации. Мислам дека ако се поставиме во улога на консументи на информациите за нас е доволно да кажеме дека таа и таа институција или тој и тој надлежен над прашањето за тоа и тоа не ни го даде одговорот, ниту пак вети кога ќе го даде или молчи, доволно е да ние знаеме каков однос имаат и да се посомневаме и како граѓани и како консументи на тие информации дека можеби сепак нешто има, но тоа од друга страна, има нешто што нели не е за јавност, но од друга страна па тоа е предизвик за новинарот и новинарството да продолжи да истражува.
ФРОНТЛАЈНТ: Медиумите имаа исклучително важна улога во справувањето со пандемијата. Како македонските медиум ја исполнуваат својата јавна и општествена улога во услови на пандемија?
ИВАНОВ: Од она што јас до сега можам да забележам мислам дека максимално професионално си ја вршат работата, и новинарите како и другите професии што се изложени на јавни движења, на јавни настапи се исто така таа ризична група која треба да се заштити прво самата себе да се чува зошто никој нема да ја чува, затоа што ни треба на нас граѓаните за да нЕ информира за сЕ што се случува, вклучително и за тоа како се справуваме со пандемијата. Мислам дека сега засега генерално сите заслужуваат честитки, на почетокот на епидемијата исто така продуцентите на лажни состојби, не само на лажни вести, на креирањата на лажни ситуации точно преку лажни вести се обидоа да минимизираат некои ситуации, па мислам дека и тие сфатија дека нели, како велат ѓаволот ја однесе шегата, па се фатија сериозно. Добро е што медиумите и бесплатно ги објавуваат и спотовите за заштита, ги објавуваат сите информации, мислам дека дури и надлежните органи и здравствените власти релативно добро се справуваат според оценките што ги дава општата јавност, и политичката и општата јавност, и..Улогата на новинарите е двојна, поготово сега во Македонија и пред избори и со пандемија е многу комплицирана ситуацијата, но треба да им се честита.
ФРОНТЛАЈН: Во моментов дури разговараме е лидерската средба. На повидок се предвремените парламентарни избори. Кое е вашето предвидување за тоа како ќе се однесуваат медиумите во време на изборите?
ИВАНОВ: Па мислам дека уште сега се профилирани кога ме прашувате за медиумите мислам главно сметате на овие највлијателните уште класичните редакции поготово на телевизиите, на националните особено, мислам дека уште од сега се профилираа, не сакам да ги спомнам по име некои кои беа условно малку забегани во она време што го нарековме режим од пред 3 години па натаму, мислам дека држат прилично добар баланс, тука го вклучувам јавниот сервис на некој начин. Има одредени медиуми кои многу отворено дури и јавно кажуваат дека ние се залагаме за конкретната политичка опција, сЕ друго не чини, сЕ друго не заслужува анализа, не заслужува конкретен професионален третман, и се претвораат во едно средство на една обична партиска алатка, но ете, јавноста нека цени. Мислам дека горе-долу засега, изборите сЕ уште не се закажани, и амбиентот е прилично објективен, прилично професионален во однос на тоа, но да видиме кампањата сЕ уште не е почната, таа ќе оди главно преку медиумите главно преку телевизиите, сигурно дека и порталите тука не ги исклучувам, но мислам дека во македонската јавност особено кога станува збор за електронските медиуми, за порталите веќе се профилирани она класично негаторски, на кои не ги интересира други аргументи туку само својата не велам ни ни политичка дури партиска опција, како што спомнав и за некои национални телевизии, од другите јас се надевам дека овој пат навистина ќе бидат максимално објективни, подеднакво отворени за сите, подеднакво аналитички за сите, не треба ништо да премолчуваат, но не треба да прикриваат никакви факти и аргументи, треба сите да ги извадат на површина, а како ќе ги редат тоа веќе зависи од уредувачката политика на медиумот.
ФРОНТЛАЈН: Рековте атмосферата, амбиентот сега го дозволува тоа. Дали тој амбиент го направила државата, сегашната политика, или за тој амбиент да го имаме сега подобар го имаат и самите медиуми створено?
ИВАНОВ: Изворот е општеството прво тие се, самите медиуми го немаат, но самите медиуми еве зборуваме пак за највлијателните за сЕ уште класичните редакции кои окупираат најголем број гледачи, публика и кои на некој начин се некаков репер за јавното мислење, тие се производ на едно време на една транзиција, најголемиот број од нив, па најголемиот речиси сите, во кои да не се заборави сопствениците на тие медиуми имаа претходно големи некакви бизниси, значи имаат капитал, второ сите имаа некои свои политички партии главно, повеќето од нив, свои политички партии, значи тоа беше вториот нивни столб, и кога вие имате бизнис значи капитал, имате медиум национален, а тој ви го дал некој од власта, некој од политиката, и тие медиуми објективно во самиот старт се како велат она, криво насадени. Македонија е мала држава ние сме малуброен народ, економијата е таа што е, нема леб за сите подеднакво за да бидат независни и квалитетни, тој рекламен колач се дели, многу црни пари отидоа и под рака, во минатото особено државата со нејзино учество на разни спотови, реклами, кампањи и така натаму, башка и за други пари, значи се финансира и еден таков медиум нормално со таков сопственик кој има политички интерес поради бизнис интересот, а телевизијата односно медиумот му служи како алатка за да биде на услуга на власта каде што се парите бидејќи таа го контролира буџетот и тендерите и јавните набавки и сЕ, а во оваа мала земја и мала економија ако се парите на државата се најпривлечни за сите бизниси нели, поготово за големите бизниси таму се инвестициите, и тие опашки уште се влечат.
За среќа во некои медиуми има и професионални новинари и професионални уредници, па колку можат нели го држат баластот на тоа објективно и професионално информирање. Но како идат изборите да видиме како ќе се однесуваат, или кој од сопствениците на медимите какви ветувања за какви бизниси има.
Јане Ѓорѓиоски
камера и монтажа: Ариан Мехмети
обработка на текст: Искра Ежова