Словачка, која лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја посочи како пример за држава која слично како и Македонија нема функционални институции во актуелната криза, а ги одложила изборите, сепак, има и парламент, и влада, и одржани избори, пренесе 360 степени.
Во изјавата по денешната лидерска средба, Мицкоски рече дека во повеќе од педесет држави во светот се одложени избори на некое ниво.
Новинар праша дали може да каже еден пример од овие земји во кои нема активен парламент и државата ја води техничка влада.
„Еве, Словачка, треба ли уште некој пример?!“, одговори Мицкоски.
Но, фактите за Словачка го зборуваат сосема спротивното, а тоа е дека оваа земја членка на ЕУ и на НАТО одржа парламентарни избори на 29 февруари оваа година, дека има функционален парламент – Народната рада, која во актуелната ситуација секојдневно одржува сесии и дека земјата од 21 март има центристичко-десничарска влада, предводена од премиерот Игор Матович.
Извор: 360 степени