ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со предлогот од Комисијата за заразни болести на Владата за целосен полициски час за време на продолжениот викенд.
Според предлогот, карантинот треба да започне од сабота во 19 часот и да трае до вторник во пет часот утрото. Тоа се деновите кога муслиманските верници го слават Рамазан- Бајрам, додека в понеделник е и државниот празник Св. Кирил и Методиј.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат според кои критериуми е донесена ваква препорака?
Ригорозните мерки се должат на непочитувањето на препораките од страна на граѓаните, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
„ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката и за целосен полициски час за празникот Велигден, и сега кога е празникот Бајрам. На овој начин се нарушуваат човековите слободи и права.
Воедно со ваквите мерки СДСМ свесно влегува во провоцирање на тензии и конфликти меѓу населението и ја изложува полицијата во непосакувана улога.“ се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Исламската верска заедница пред неколку дена ја информирала Владата и Комисијата за заразни болести дека нема да почитува евентуален полициски час за време на Рамазан Бајрам.
„Ако се воведе полициски час за целиот викенд, тогаш вие, како компетентни органи, ќе ја загубите довербата кај сите верници од исламската вероисповед, имајќи предвид дека нашата земја се наоѓа пред одржување на парламентарни избори. Ние како верска институција постоиме за да им служиме на верниците и нема да носиме товар на грб за откажување на намазот на Фитер Бајрам во џамија.“ напиша реисот Сулејман Реџепи на Фејсбук.
Ј. Ѓ.