По објавата на профилот на Моника Конопова дека синоќа нејзиниот татко ја претепал и се обидел да ја убие, ХОПС најостро го осудува семејното насилство извршено од нејзиниот татко и ги повикува институциите да постапат со должно внимание, да го истражат случајот, да го процесираат случајот, сторителот да добие казна, а жртвата да ја добие неопходната помош и поддршка.
ХОПС, исто така, искажува загриженост и најостро го осудува говорот на омраза кон жртвата, која беше брутално претепана, и повикот за нејзин линч и одобрување на извршеното насилство поради фактот што таа употребува канабис. Затоа, покрај поставпувањето во случајот со семејното насилство, ги повикуваме институциите, посебно МВР -одделението за електронски криминал и ОЈО веднаш да преземат дејствија за откривање и процесирање на сторителите на говорот на омраза.
Во 25 годишната работа, континуирано регистирраме случаи на сериозно насилство врз луѓето кои употребуваат психоактивни супстанции, како во рамки на семејството така и од околината, на кое насилство надлежните органи реагираат со предрасуди и или воопшто не покренуваат постапки или не ги водат со должно внимание, само поради фактот дека жртвите се луѓе кои употребуваат психоактивни супстанции.
И последното истражување кое ХОПС го правеше само го потврди деценсиското искуство дека еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат луѓето кои употребуваат психоактивни супстанции е насилството кое го трпат, од своите блиски и семејството, од околината па дури и од оние кои би требало да ги штитат нивните права, овластените лица од полиција.
Ваквиот вид на насилство е насилство од омраза, насилство родено од стигмата и предрасудите, нахрането со омраза, а охрабрено и поддржано од надлежните органи.
Ваквите случаи на насилство, согласно нашето искуство најчесто завршуваат во полициските соби и ходници, нерегистрирано, непријавено, неказнето!
Токму тоа е и причината зошто луѓето кои употребуваат психоактивни супстанции многу ретко и тешко се мотивираат прво да го пријават ваквото насилство, а второ да истраат во постапките дури и кога евентуално ќе се охрабрат да го пријават истото. Наместо да добијат третман на жртви и соодветна заштита како и сите останати граѓани, овие луѓе се соочуваат со дополнителна виктимизација и дискриминација од страна на надлежните органи како полиција, обвинителство и судот.
Поради се погоре уште еднаш ќе повториме, ХОПС најостро ги осудува сите форми на насилство и говорот на омраза кон луѓето кои употребуваат психоактивни супстанции, и ги повикува надлежните органи ( полиција, ОЈО, судот) да пристапат кон овој случај со должно внимание, ослободени од секакви предрасуди и стигма и да ги водат постапките водејќи сметка за пристапот до правда и заштита на жртвата.