Вчеравечер нешто пред полноќ, низ социјалните мрежи почна да се шири информацијата дека портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Арсовски бил застанат од полициски службеници на излез од Струмица во време на полициски час. Според првичните неофицијални тврдења, Арсовски се однесувал арогантно кон службениците и се заканувал.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов реагираше на Твитер повикувајќи се на првичните информации и го осуди однесувањето на Арсовски.
После Мицкоски, очекувам утре и Димче од дпмне да соопшти дека човечки е да се греши и дека ќе ја плати казната, што за време на полициски час харал низ Струмица.
Расипништвото не може да се плати со пари, мора да има одговорност!
— Костадин Костадинов (@kostadinkosta1) June 7, 2020
Утрово, Арсовски, во долг пост на Фејсбук најпрво го нападна тврдењето на Костадинов, објаснувајќи дека иако бил легитимиран на излез на Струмица, бил повторно застанат со својата девојка кај Штип, каде вели дека еден од полицајците бил дрзок со нив, па побрза да донесе заклучок дека „сигурно е од СДСМ“ и се јавувал на неговите партиски шефови.
Арсовски исто така, ја повтори новата хит реторика на опозициската партија дека „се следени“ од параполициски структури, исто како што обвинува и неговиот претседател Мицкоски откако неколку пати беше фатен како ги прекршува мерките за заштита, од одење во теретани во период кога таквите објекти се затворени, до мезе дружби со блиски луѓе на Сашо Мијалков во затворен дел од ресторан.
Арсовски обвинува полициски службеници за пристрасност, одејќи дотаму да тврди јавно дека полициски службеник се јавувал кај своите партиски шефови за случката.
Статусот на Димитар Арсовски на Фејсбук:
„Признавам, бујна фантазија имаат изгубениве од СДСМ… Да разјасниме веднаш, се е измислица и лажна вест… Имено, да, точно е, уредно бевме легитимирани со мојата девојка од полициски службеници на излез од Струмица и уредно доставивме документација која овозможува движење во полициски час заради професионални потреби. Полициските службеници беа фини морам да признаам, најљубезно и уредно откако заврши процедурата се отпоздравивме како културни граѓани и продолживме накај Скопје. Следната полициска патрола која не пречека беше кај Штип, при што имаше едно дрско момче во полициска облека, гарантирам член на СДСМ, кое почна без никаква причина да ми го претресува возилото. Јас бев културен, дури и ми побара да отворам куферче мало со облека да видел што има. Додека ѕвонеше кај неговите партиски шефови, дојде негов колега, кој го пратиле да ме праша кој сум, па грешно му јавиле, дојде ме праша дали сум портпарол на МВР. Го прашав дали од Струмица му јавиле да му кажат да ме пречекаат, ми одговори потврдно, дека им е јавено од Струмица, при што му се насмеав и му кажав дека грешно разбрал, не сум портпарол на МВР, туку на ВМРО-ДПМНЕ. Видоа – не видоа и оваа патрола немаше причина да ме задржи бидејќи уредно ги поседував сите легитимации и ме пуштија да си одам. Се на се, не се криви патролите, иако и во нив има партиски послушници и членови на СДСМ кои мора да одработат за партијата“.
Тој побара од Костадинов јавно извинување, во спротивно ќе се видат на суд.
Костадинов се повика на информација од порталот Мактел.мк кој тврди дека очевидци потврдиле дека Арсовски се повикувал на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, немал дозвола за движење и се однесувал кон полициските службеници дрско и арогантно.
А. Н. С.