На Фејсбук пејџот од Миленко Неделковски кој има повеќе од 60.000 фанови, континуирано се пласираат лажни вест, говор на омраза по секаква основа и мизогинија. Aналитичарите за интернет медиуми и социјални мрежи со кои контактиравме, велат дека ова е „хејт-спич“ фан сајт со најмногу фанови кај нас.
На оваа фан страна говорот на омраза на етничка oснова е секојдневна содржина, а најексплицитни се чини се родовите мизогини напади, кои му се очигледно најомилени во неговиот богат репертоар на говор на омраза.
Последна од „плејадата“ такви навреди и експлицитна мизогинија се коментарите искажани кон жени на протест и кон министерката за финансии Нина Ангеловска.
Она што покрај тие 60.000 фанови, исто така загрижува, е тоа дека на ваквата објава, како што може да се забележи, има повеќе од илјада допаѓања (лајкови) од неговите фанови, односно повеќе од илјада се одлучиле јавно (со свое име и презиме), да го поддржат ваквиот говор на омраза.
„Ако сакате да бидете „во тек“ со некоја страница, не мора да бидете „фан“. Доволно е да ја посетите и видите што има ново. Без разлика на мотивот за зачленување, ако сте „следбеник“ тогаш де факто давате поддршка за страницата и индиректно ги ширите нејзините содржини (и „вредности“).
Во случајов, сметам дека секој пристоен човек оваа страница и тој пост попрво би ги пријавил (трите точки горе десно, потоа Find support or report post) за ширење говор на омраза (hate speech) и малтретирање (harrasment) наместо да им биде фан односно љубител. Ама секој со својата совест.“, пишува Филип Стојановски од Метаморфозис, на Фејсбук, поврзано токму со фејсбук страната на Миленко Неделковски.
Ј. Ѓорѓиоски