На заболените со КОВИД-19 во земјава од денеска им е достапен лекот „Фавипиравир“ (АВИГАН), а Комисијата за заразни болести и препорача на Владата да се отворат казината, автомат клубовите и ФЛТ апаратите во обложувалниците, да профункционира јавниот превоз во Тетово и кон крајот на неделава да се отворат теретаните и фитнес центрите согласно веќе утврдените протоколи. За отворањето на границите дополнително ќе се разговара во текот на денов и утре, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Денеска преку итна неповратна помош преку Амбасадата на Јапонија го добивме лекот Фавипиравир (АВИГАН) за земји погодени од Ковид-19, во партнерство со УНОПС – Канцеларијата за проекти на ОН. Добивме АВИГАН за 100 пациенти. Станува збор за антвирусна терапија што во Јапонија се користи за третман на инфлуенцата во 2014 година и се уште не е одобрен да биде специфичен лек за Ковид-19, но во тек се бројни клинички студии и од искуствата во апликацијата веќе има доста добри резултати воповеќе земји, рече Филипче на денешната прес-конференција искажувајќи благодарност до Амбасадата на Јапонија.
Генеричките форми, додаде тој, веќе се одобрени во Русија и во Индија, а се користат и во други земји во светот како офлејбл лек, а за да биде дефинитивно потврден потребно е да завршат клиничките студии, но сепак е очигледно дека има добри резултати кај пацинетите во многу земји и се препишува после бројни анализи на крвта.
– Епидемијата е се уште во полн ек. Состојбата во регионот укажува дека практично во сите земји има пораст на случаите. Ова повторно не води до заклучокот дека вирусот е тука, ќе мораме да продолжиме да живееме со него, да се навикнеме на правилата за лична заштита и по тие правила практично ќе се функционира веројатно долг период, не само оваа година, веројатно и следната година. Ние четири месеци сме во борба со коронавирусот, направивме многу да одговориме на овој светски здравствен предизвик. Тоа ќе го правиме и понатаму, рече Филипче.
Тој апелираше до политичките партии да ги почитуваат мерките и да бидат пример за граѓаните како се штити здравјето.