Според министерот Манчевски, станува збор за систем кој е комплексен во позадина, но за нашите граѓани е многу едноставен и лесен за користење.
Оваа нова услуга го автоматизира и значително го поедноставува издавањето на рецепти за лекови. Со овој систем се исфрлаат од употреба хартиените рецепти, граѓаните добиваат побрза и поефикасна услуга, а матичните лекари се растеретуваат од гужви и им се автоматизира работењето. Од направената анализа може да се види дека за само два месеца, 95% од вкупно издадените рецепти се издадени електронски. Исто така, 95% од издадените лекови во аптека се издадени без хартиен рецепт, односно само со документ за лична идентификација“, рече министерот Дамјан Манчевски. Министерот Манчевски потенцираше дека е-рецептот е трајна придобивка, така што и откако ќе помине кризата со КОВИД-19 чекањето на ред кај лекарот или во аптека останува во минатото.
Воедно, министерот Манчевски најави продолжување на масовната дигитализација на услугите и во други сфери: електронско запишување на деца во градинка, електронско запишување во училиште, автоматско префрлање на финансиска помош за новороденче, без да има потреба родителите било што да направат, потврда за платени даноци, како и стотици други услуги кои граѓаните често ги користат.
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, истакна дека проектот за електронско издавање рецепти се покажа дека е еден одличен модел и проект.
Системот досега се покажа како успешен, од први мај досега преку овој систем се креирани над три милиони рецепти за хронична, акутна терапија. Воведувањето на електронскиот начин на издавање рецепти е практично надополнување на активностите за целосна достапност до терапиите и лековите за пациентите и граѓаните, која почна минатата година во октомври кога целосно ги укинавме квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум државата.