Илузијата дека со неизлегување на гласање некако ги казнуваме партиите е смешна. Цензус за парламентарни избори нема така што колку и да излезат на гласање изборите ќе бидат легитимни и секако некој ќе дојде на власт. И што сме напраиле? Сме се потргнале на страна, сме го отстапиле својот глас на разноразни интерпретации од политичари, аналитичари и продавачи на магла.
Го разбирам цинизмот и амбивалентноста после низа нереализирани очекувања наназад 30 години но правото на избор која идеја и кои луѓе ќе го водат општеството во кое живееме е едно од највисоките еволутивни достигнувања на човештвото и некористењето на својот глас ми изгледа како своевидно предавање, подигање бело знаменце во вечната борба на индивидуалецот за подобрување на општествените прилики.
Замислете, само замислете за еден момент како би се чувствувале ако утре на вести чуете официјален декрет дека граѓанинот повеќе нема право на глас, дека избори се излишна работа и просто се укинуваат. За пола саат илјадници луѓе ќе се соберат гневни и споулавени, спремни да изгинат за да си го вратат своето право. Меѓу нив, се кладам, дека ќе бидат и оние кои сега доброволно се откажуваат од тоа право.
Затоа треба да се излезе, затоа што нашиот глас никогаш не е излишен, нашиот глас е тежок колку и нашите очекувања, надежи и визии за општеството и ако воопшто сакаме држава никогаш не смееме да подигнеме бело знаменце во борбата за подобра верзија од таа во која моментално живееме.
Фејсбук објава на режисерката и активистка Ирена Стеријовска