Предизборната кампања за предвремните парламентрани избори на 15 јули се наоѓа на четвртина.
На петтиот ден од 20-дневната изборна кампања, караванот на Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ ќе биде во Куманово и Свети Николе, додека Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „За обнова на Македонија“ изборните активности ќе ги претстави пред граѓани Новаци, Демир Хисар и Битола.
Предизборниот караван на политичката платформа Македонски концепт ќе биде присутен во Битола, Охрид, Струга и Кичево, а коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива во Маврово.
Партиите во текот на вчерашниот ден ги упатија пораките до граѓаните и побараа поддршка на претстојните избори.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, порача дека на 15 јули расчистуваме со остатоците од режимот во судството и најави дека доколку СДСМ повторно формира Влада, правосудството целосно ќе се прочисти од корумпираните судии и обвинители.
-Оние судии кои свесно и намерно застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам за да се остави простор за оние кои чесно и професонално си ја работат работата, рече лидерот на СДСМ.
Заев најави почеток на детална проверка на имотната состојба на судиите и обвинителите, како и темелна ревизија на пет проценти од сите судски пресуди по случаен избор, како и воведување ред и дисциплина во сите други институции.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача дека по 15 јули ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже дека ќе има правда.
– Јас ви ветувам правда без исклучок почитување на законите заврши времето на политичките деспоти. Нема да биде политичар привилегирана каста. Помина времето на политички мочуришта и неуспеси. Доаѓа времето кога Македонија се исправа, изјави Мицкоски.
Кандидатот за премиер од редовите на партијата Демократска унија за интеграции (ДУИ) Насер Зибери, пред гостиварци, порача дека Македонија е созреана за рамноправни услови без да е важна етничката припадност.
Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива вчера ги посетија тетовските планински села Лисец и Шипковица и ја претставија платформата на коалицијата „Држава за сите“.
Промоторот на политичката платформа „Македонски концепт“ Петар Богојески, од Гевгелија, порача дека ќе бараат криминализација на лажни политички ветувања.