Болничарка заразена со Ковид-19 во гинеколошко-акушерско одделение при прилепската болница криела симптоми и заразила уште шест колеги во истото одделение, дознава Фронтлајн.
По тестирањето на вработените во гинеколошко–акушерско одделение, резултатите покажале шест позитивни тестови.
Од Центарот за јавно здравје во Прилеп известуваат дека на подрачјето што го покрива Центарот во последното деноноќие евидентирани се 7 нови случаи на корона вирус, од кои 5 се во Прилеп, два во општина Долнени, во село Црнилиште.
Бројот на активни случаи во Прилеп е 33, од нив 8 се на болничко лекување, останатите се лекуваат во домашни услови. На инфективното одделение во прилепската болница хоспитализирани се 7 лица позитивни на корона вирус, а на едно лице за кое постои сомнеж дека е заболено од Ковид-19 се чекаат резултатите од земениот брис. Според информациите од епидемиолошкиот оддел во Центарот за јавно здравје, во самоизолација се наоѓаат 75 лица.
Во Прилеп, после подолг период на еден или ниеден евидентиран случај дневно, во последнива недела инфицирани се преку 15 новозаболени. Медицинските стручњаци апелираат да се внимава и да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Вкупно во Прилеп од почекотот на пандемијата инфицирани се 257 лица.
К. Ѓ.