Зоран Заев е политичарот во Северна Македонија кој ја има највисоката доверба и кај Македонците, и кај Албанците и кај сите други етнички заедници. Ако веќе зборуваме за етничката поддршка, тогаш ние од денеска би требало сите со консензус да го поддржиме. Ама тоа не се одлучува на партиски ниту на дебатни емисии, се одлучува на денот на изборите и после изборите, истакна потпретседателката на СДСМ и носителка на кандидатската листа на на коалицијата „Можеме“ во петтата изборна единица, Радмила Шекеринска.
Таа посочи дека како пратеник во Собранието гласала Талат Џафери да биде претседател на Собранието, не заради тоа што е Албанец, туку заради тоа што сметале дека е дојдено време за промени во Собранието.
– И јас, и моите колеги можеше да го изгубиме животот за тоа што го дадовме гласот. Но велам, тие колеги беа и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми и Власи и Бошњаци сите можевме да бидеме жртва, но не верувавме дека даваме глас за Албанец, туку за човек со име и презиме. Граѓаните очекуваат на овие избори да дадат доверба на луѓе со име и презиме кои ќе ги решаваат нивните проблеми, нагласи Шекеринска.
Таа истакна дека кога ќе чукнат на вратите на Инфективна не прашуваат дали ќе ги лечи Милена или ќе ги лечи Имер, туку сакаат да ја добијат најдобрата здравствена заштита.
– Ако тоа го правиме за доктори, тоа уште повеќе треба да го правиме за прашањето кој ќе биде премиер. И од тој аспект јас би ви сугерирала на сите колеги малку повеќе да се сконцетрираме на граѓаните, а малку помалку на партиските теми и партиските препукувања, рече потпретседателката на СДСМ.