– Посветеноста на локалната и централната власт за уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и неселективното применување на законските прописи, во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, беа главните теми за кои денес разговаравме со Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, информира градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
Градоначалникот вели дека со министерот разговарале и за актуелните инфраструктурни проекти кои општината ги реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски, како и за идните планови за заедничка соработка.
„Извршивме увид на градежните работи за реконструкција на улицата „Абас Емин“ каде што во моментов се работи на првата фаза од проектот за реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа, на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“, рече Георгиески
Министерот Сугарески потенцира дека жителите на улицата Абас Емин во Охрид добиваат нова водоводна и канализациона мрежа.
„Како Министер особено сум горд и задоволен што овозможуваме огромна поддршка на општините за реализација на вакви проекти кои се особено значење за граѓаните.“, истакна Сугарески
Порталот А1 он јавува дека денеска во Охрид со градежна механизација се урива хотел, кој се наоѓа на брегот на езерото.
– Продолжува акцијата за отстранување на дивоградбите кои се на крајбрежниот појас на Охридското Езеро. Интензивно, од утрово, со градежна механизација се урива хотел, кој се наоѓа на брегот на езерото. Акцијата е организирана од Општина Охрид бидејќи претходно сопственикот се обврза дека сам ќе си ја урне дивоградбата, но тоа не го стори. Хотелот се наоѓа во близина на стариот пат Охрид – Струга, зад дивоизградената база на охридскиот советник од ДУИ, Нефи Усеини. Тој е изграден на земјиште во приватна сопственост, без никакво одобрение од Општина Охрид. Во уривањето асистира и полицијата, известија од А1 он.
Ј. Ѓ.