Со изработка на мурал на фасадата на Домот на култура во населбата Ченто во Скопје продолжува програмата на јубилејното, 15-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности, во продукција на организацијата Факултет за работи што не се учат (ФР~У).
Автор на муралот е младиот уметник Владимир Милиќ и е во продукција на ФР~У во партнерство со организацијата Културно Ехо, Општина Гази Баба и Град Скопје.
После минатонеделното отварање на 15-тиот АКТО со муралот во Битола на колективот КУРС од Белград, АКТО продолжува со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и различни партнери.
Идејата за мурал во Ченто е во правец на соработка и активирање на оваа локална заедница во продукција на културни настани за заедницата, но и во насока на зачувување и ставање во функција на домот на култура во населбата. Муралот пак е развиен како неколкумесечен процес на работа на уметникот Владимир Милиќ од Ченто со пошироката локална заедница и се однесува на потенцирање на важноста на солидарноста.
Видеото го изработи Кристијан Караџовски