Под надзор на надлежниот инспекторат, со механизација ангажирана од локалната самоуправа, советникот и бизнисмен Нефи Усеини денеска во присуство на своја работна сила и механизација и работници почна да ја отстранува бетонската база во непосредна близина на стариот пат Охрид – Струга, во населбата Далјан, пренесе OhridNews.com.
Усеини кој е и актуелен советник, испрати писмо до медиумите во кое наведува дека периодов наназад бил неправедно обвинуван и посочуван како главен виновник за проблемите со УНЕСКО.
„На градоначалникот Константин Георгиевски и останатите надлежни институции треба да им биде јасно дека крајбрежјето и голем дел од заштитните зони на овој регион долги години бесправно се злоупотребуваат од страна на стотици фирми и поединци! Затоа упатувам порака до сите надлежни да не постапуваат селективно во овој процес и конечно сите без исклучок да ги почитуваат законит“, пишува Усени во писмото.
Акцијата има за цел зачувување на статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, кој поради негрижата во изминатите децении може да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност, што е чекор кон целосно губење на статусот на заштитено светско природно и културно наследство.