Денеска пациентот Иван на кого му беше трансплантирано срце заминува од Клиниката за Државна кардиохирургија на домашно лекување.
– Горд сум што испишавме историја во јавното здравство, во кардиохирургијата. Горд сум на моите колеги кои покажаа највисока стручност во својата хумана професија. Но, пред сѐ најдлабока почит за семејството на Емилија Динева за алтруизмот што го покажаа на дело. Покажавме дека знаеме и можеме. Продолжуваме максимално да се грижиме и понатаму за Иван и сите наши пациенти!, пишува за убавата вест министерот за здравство Филипче.
Кон крајот на месец мај запрвпат во Македонија се изведе трансплантација на срце, кај пациентот Иван. Со овој голем исчекор се испиша историја во македонското здравство, во македонската кардиохирургија.
Името на донорот на срцето со кое се испиша нова историја во македонското здравство е Емилија Динева, која прерано го загуби животот во сообраќајна несреќа.
На трансплантацијата работеа стручен и врвен тим на кардиохирурзи под водство на проф. д-р. Сашко Јовев од Државната кардиохирургија, акад. д-р. Жан Митрев од „Клиника Жан Митрев“, проф. д-р. Александар Николиќ од болницата „Аџибадем Систина“ и Националната Координаторка за трансплантација д-р. Маја Мојсова од Универзитетска Клиника за Анестезија, Реанимација и Интензивно лекување.
Ј. Ѓ.