Во предизборните кампањи политичките партии повторно останаа неми, а институциите упорно молчат за проблемот кој секојдневно ги потресува македонските граѓани. Алармантни бројки на отруени животни, грозоморни сцени по улиците, и очајни повици од активистите и загрижените граѓани, станаа секојдневие на територијата на цела држава.
На социјалните мрежи, најчесто на фејсбук, веќе се објавуваат албуми со фотографии од отруени животини, кои најчесто се улични, маалски миленици, а меѓу жртвите има и домашни животни со сопственици.
На една од фејсбук групите има албум со фотографии од сите отруени животни во последнава година, во чиј опис се наведени сите мејлови за контакт до надлежните органи, и молба до граѓаните редовно да го препраќаат овој албум до нив, со надеж дека некој конечно ќе преземе одговорност.
„Ова е албум на отруени кучиња и мачиња во изминативе 2-3 години, меѓу нив има многу улични, но и домашни миленици кои биле член од некое семејство кое во такви ситуации доживува голема загуба и тага, губи член од семејството и најдобар пријател! Тие имаат име, карактер и душа, чуствуваат љубов, тага и болка! Во свет во кој се трудиме да напреднуваме и одиме напред ние постојано се враќаме кон дивјаштво и варварство. Напреден човечки ум не би направил вакво нешто, не може ни да помисли на таква идеја, а кај нас за жал тоа е многу често, секојдневно, од најразлични луѓе или институции, општини и сл. Одговорните молчат и не преземаат ништо. Отрови во градинки, училишта, на јавни тревни површини…….Во која нормална држава ова е дозволено, да се остава отров на јавни површини со намера да се убие живо суштество?“, велат иницијаторите што бараат помош преку Фејсбук.
„Не сакаме да не знаат како нецивилизирана нација на трујачи!! А вие упорно тоа го дозволувате и потврдувате“, потенцираат очајните граѓани, барајќи од надлежните решение за оваа ситуација.
“Големината на еден народ се гледа по тоа како се однесува кон животните” – Ганди, пишува во описот на албумот со отруени животни.
Овие групи се користат и за да се информираат граѓаните каде има расфрлано отров, a во последно време и храна со скриени остри предмети, со цел да ги заштитат животните, бидејќи оваа практика веќе стана секојдневие.
Граѓаните и активистите ги повикуваат МВР, АХВ, градоначалниците и надлежните институции да преземат нешто во врска со овој проблем, бидејќи се трујат и убиваат улични, но и домашни животни, за кои сопствениците потоа не можат да дојдат до правда по законски пат. Како што велат тие, во секоја развиена држава убијците на животни одговараат пред законот и се третирани како лица со ментално и психичко нарушување, додека кај нас се пуштени да шетаат на слобода без страв, иако постојат и голем број на случаи каде што истите се фатени на камера и има конкретни докази за нивните злодела, надлежните не преземаат ништо.
Активистите се загрижени и поради нерегулираната продажба на отрови со кои најчесто се убиваат уличните животни, и како што велат, отровот е подеднакво опасен за сите нас.
„Токму затоа законодавците го ставиле расфрлањето на токсични материи во Кривичниот Законик на Р.М. и предвиделе казна затвор од 1- 10 години. Доколку сте сведок на расфрлање отрови ве молиме пријавете во најблиската полициска станица“, апелираат активистите.
Петиција за основање на Animal Police (Полиција за заштита на правата на животните) постои одамна, направена е група на Фејсбук која има преку 15.000 следачи, во која се споделуваат слики од трујачи, говор на омраза и повикување на труење, видеа и слики од борби на животни и други примери за кршењето на правата на животните и нехуманото постапување со нив, но од надлежните институции се уште нема одговор на ова прашање.
Во меѓувреме, граѓаните спасот го бараат во помалите Здруженија за заштита на правата на животните, поединците активисти и совесните граѓани, бидејќи како што велат, Анима Мунди како најголемото регистрирано Здружение за правата на животните во нашата држава и понатаму е немо и без конкретен план за решавањето на овој проблем, иако најголемата институционална конекција ја имаат токму тие.
Искра Ежова