Организацискиот секретар на ДУИ, Артан Груби, во интервју за албански „Шчип“ вели дека со СДСМ имаат секојдневни контакти кои тој очекува да се засилат со формирање на институции.
-Ние се уште сме колеги во владата и нашите контакти се секојдневни како две главни партии во земјата. Чекаме да заврши крајот на жалбениот процес и да ги продолжиме и засилиме контактите за воспоставување на институциите кои излегоа од изборите на 15 јули во соработка и одговорен дух – вели Груби.
Тој додава дека црвената линија на ДУИ се договорите со Грција и Бугарија и Охридскиот договор, поради што, истакнува Груби, не доаѓа во предвид коалиција на ДУИ со Левица.
-Дел од некое евентуално алтернативно мнозинство би била партијата „Левица“ и ова е неприфатливо за нас и не доаѓа во предвид соработка со овој деструктивен и регресивен ентитет. Нема да дозволиме да се вратиме назад, без оглед на тоа дали сме во позиција или во опозиција. Нашиот пат кон еднаквост и интеграција во НАТО и во ЕУ не смее да биде загрозен од никого и тоа нема да го дозволиме – порача Груби.
Геуби додава дека им е неопходно албанско обединување за да ги постигнат национални цели.
– Вистината е дека ни треба албанско обединување за да постигнеме национални цели, а не „ножеви зад грб“ со тоа што овие партии ќе престанат да стојат позади врата и целосно да им бидат на располагање на македонските партии. Сега засега, сите ја поддржуваат нашата идеја за првиот премиер Албанец на нашата земја и цениме дека тоа е можно и е во најдобар интерес на земјата и го заокружува патот до целосна еднаквост, ја зголемува довербата меѓу двете државни заедници и создава стабилност – вели Груби.