Активисти на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ од Гостивар и жителите на околните населени места и денеска го блокираа патот до депонијата Русино, враќајќи ги назад камионите полни со ѓубре. Според активистите, блокадата ќе продолжи се до исполнување на нивните барања, како што се: запирање на палење на отпадот, редовно да се покрива отпадот, да се инсталираат безбедносни камери, а обезбедувањето да работи 24 часа, а не осум како што е сега, пренесува Аласт-М.
Директорот на Јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар, Исак Лазами, за Алсат изјавил дека ја поддржува иницијативата за решавање на проблемот со депонијата, но не и блокирање на работата на институцијата што ја води при што веќе побарал и помош од полицијата за да влезе во депонијата Русино.
Активистите на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ го блокираат патот од Долна Бањица до депонијата и се очекува да остане затворен уште девет дена. Употребата на регионалната депонија Русино од страна на деветте општини од Полошко започна пред 15 години. Оттогаш, планирана е модернизација на оваа депонија, со цел да се заштитат жителите од загадување на почвата и водата, но до денес не е сторено ништо.