Лидерот на ДУИ, Али Ахмети по средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, посочи дека колку што се блиску, толку се и далеку двете партии од договор за коалицирање. Ахмети пред новинарите кажа дека ќе бара поддршка од албанските партии за идејата премиер на државата да биде Албанец. Запрашан дали ДУИ би прифатила премиер да биде Македонец, Ахмети не одговори прецизно и рече: „Не можам да пресудам“, пренесе А1ОН.
„Јас не сакам да ги оптоварувам преговорите и не сакам последниот збор да го кажам прв. Ние инвестираме прашањата да одат во добра насока и сме готови ова да го направиме за државата, затоа што придобивка ќе има стабилноста, државата, доближувањето на заедниците и така натаму. Ние само што започнавме со преговори, нема многу средби кои што се одржани, ова е втора средба. Се надевам дека сите партии ќе имаат силна волја за да ги надминеме разликите, потешкотиите“, рече Ахмети одговарајќи дали тој инсистира ДУИ да има една година премиер во Владата“.
Ахмети по средбата посочи дека за преговорите со СДСМ, го известил и Мицкоски кој пак, му посакал успех.