Директорката на делчевскиот Здравствен дом, Марија Глигоровска при соопштување на лошата вест дека е утвредно присуство на Ковид-19 кај една седумдесет и седум годишна жителка на Делчево, вели: „Имаме уште еден случај кој контактирал со нашата сограѓанка која е од ромската популација. Знаете нивната психоза е малку подруга“.
– Дали оваа реченица од изјавата на директорката Глигоровска е согласно лекарската етика?
– Зошто е битна информацијата од која националност е заболената, (имајќи предвид дека досега не се откриваше идентитетот на пациентите)?
– И каква е таа „ромска психоза“?
Директорката Глигоровска, целата ромска заедница ја карактеризира како заедница со „посебна психоза“. Психоза е термин којшто се користи за да се опише психичка состојба која се карактеризира со постоење на низа симптоми како што се нарушени мисли, халуцинации, параноја, доживување на прогон, шумови или гласови упатени кон таа личност, губење волја, мотивација, социјално повлекување, емоционална оддалеченост и празнина.
Во најмала рака, директорката треба да им се извини на Ромите. А за ваквата дискриминаторска и стереотипна изјава на директорката на делчевскиот Здравствен дом, Глигоровска, надлежните од Министерството за здравство треба веднаш да реагираат и согласно законските должности, да ја санкционираат!
пишува: Дехран Муратов / ЦИВИЛ МЕДИА