Во текот на изборниот ден 15 јули 2020 година, на вонредните парламентарни избори набљудувачите на ЦИВИЛ беа застапени во сите шест изборни единици во Северна Македонија.
Загрижувачки се податоците од мониторингот на ЦИВИЛ во кој се нотирани многу опструкции кон набљудувачите на оваа граѓанска организација, додека ги извршувале своите задолженија.
Нападите, репресиите и заканите најчесто доаѓаат од набљудувачи на политички партии, најчесто од ВМРО-ДПМНЕ, поретко од СДСМ, од страна на изборната администрација, од гласачи, но и од полицијата.
Бркање од гласачко место, навреди кон претседателот на ЦИВИЛ, квалификации за тоа дали организацијата е партиска или не, дофрлувања за висина на надоместокот, дрскост и одбивност се најчестите притисоци и опструкции кои се забележани во мониторингот на ЦИВИЛ за текот на изборниот ден.
Опструкции кон набљудувачите на ЦИВИЛ
Во 2684/1 ОУ „Блаже Конески“, Аеродром (ИЕ1), член од избирачкиот одбор го прашал набљудувачот на ЦИВИЛ дали е партиски определен и дали гласал.
Во 2614/1 ОУ „Братство“, Карпош (ИЕ1), претседателката на ова гласачко место се однесувала дрско и безобразно при посетата на набљудувач на ЦИВИЛ, па на крај нашла забелешка во овластувањето на ЦИВИЛ дадено до набљудувачот дека недостигал некаков број. Таа била правник и како што му рекла на набљудувачот, знаела повеќе од ЦИВИЛ.
Набљудувачот на ЦИВИЛ во ОУ „Ацо Шопов“ во Бутел (ИЕ2) бил опоменат од полициски службеник зошто се движел од училница – надвор, по што набљудувачот се идентификувал. Истиот полициски службеник им се заканувал на гласачите дека ќе ги казни парично.
Во Бутел (ИЕ2) во основното училиште „Петар Здравковски –Пенко“, повеќемина ги провоцирале набљудувачите на ЦИВИЛ, довикувајќи им дека земаат по 5-6 илјади за набљудувале и на повисок тон им се обратиле со зборовите „Зошто кружите на секои 5 минути?“.
Во 2651, ОУ „Димо Хаџи Димов“, Ѓорче Петров (ИЕ2), еден од членовите на избирачкиот одбор му се обратил на нашиот набљудувач со зборовите: „Што правите вие од ЦИВИЛ, цел ден сѐ различни, да не се контролирате меѓу себе?. Во целиот тој период додека бил присутен набљудувачот, избирачкиот одбор имале некоректен однос кон него.
Во избирачкото место 2498 во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Гази Баба (ИЕ2) членка на ИО се однесувала понижувачки кон набљудувач на ЦИВИЛ. Присутен бил и претседателот, кој реагирал на нејзиното однесување….„Од кај си ти? Ауу од Цивил, па баш на тебе ќе ти кажувам“, рекла членката на ИО.
Набљудувач од СДСМ во изборното место 1000/1 во Музичко училиште „Панче Пешев“ во Куманово (ИЕ2) му рекол на набљудувач на ЦИВИЛ да не се враќа повеќе тука.
Претседател на ИО во избирачкото место 1057 во Куманово (ИЕ2) при посета на набљудувач и преведувач од Американска амбасада кои се интересирале кои набљудувачи од политички партии го посетиле избирачкото место, рекол дека имало само од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Член на ИО рекол дека се присутни и ЦИВИЛ. На тоа веќе присутниот набљудувач на ВМРО-ДПМНЕ рекол: Цивил не е партиска? ЦИВИЛ е партиска!
Во изборното место 2931 во ОУ „Панајот Гиновски“ во Бутел (ИЕ2) на набљудувач на ЦИВИЛ му е одземено овластувањето за набљудување кое е дадено од страна на ДИК без некое посебно образложение од страна на извесна Даница Јовановска. По интервенција во ДИК вратено е овластувањето и се извиниле.
Во ИЕ 2917 во О.У. Петар Здравковски- Пенко во Бутел (ИЕ2), еден од партиските набљудувачи му се обратил на набљудувачот на ЦИВИЛ со зборовите „ Вие од ЦИВИЛ се наполнивте со пари, кажи колку земате?“ и се смеел иронично.
Во истото изборно место, член од изборниот одбор на висок тон се обратил на еден од набљудувачите со зборовите „Вие од Цивил веќе цел ден, аман досадни сте“. Во ова ИМ службено лице, полицаец се приближил до набљудувач и му забранил да стои пред училиштето, во меѓувреме, бил со колешката исто набљудувачка од ЦИВИЛ, и полицаецот им се обратил со зборовите „Треба да работите, не љубов да водите“.
На избирачкото место 2912 во ОУ. „Живко Брајковски“ во Бутел (ИЕ2), во периодот од 20:00 до 20:30 часот во дворот на училиштето на набљудувач на ЦИВИЛ му било трипати попречено присуството во училишниот двор. На крајот, набљудувачот влегол во зградата на училиштето.
Член на ИО од ВМРО-ДПМНЕ во ИМ 1535 во гимназијата Наум Наумовски- Борче во Пробиштип, гласно и навредливо викал и не дозволувал да влезе во ИМ како на набљудувач на Цивил. Веднаш беше реагирано од Претседателот и од членови на ИО и на набљудувачот му било дозволено непречено да си ја врши работата.
Набљудувач на политичка партија (набљудувачот на ЦИВИЛ не можел да идентификува од која партија доаѓа), во ИМ 1455, Гимназија „Мирче Ацев“, Прилеп, јадел на местото за набљудувачи. Кога го забележал набљудувачот на ЦИВИЛ, прашал за националноста на претседателот на организацијата, Џабир Дерала, со зборовите „Торбеш или Шиптар?“.
Во изборното место 1444 во основно училиште во Варош, Прилеп ( ИЕ4) член на избирачкиот одбор, кога слушна дека станува збор за набљудувач на ЦИВИЛ -Центар за Слобода, почна да инсинуира дека можеби не треба да се даваат информации на набљудувач од ЦИВИЛ.
Еден од ретките примери на пристојно однесување кон набљудувач на ЦИВИЛ е нотирано во Росоман (ИЕ4), во изборното место 722, каде ИО изразил задоволство што првпат набљудувач на Цивил го посетил нивното ИМ.
Опструкции од партиски набљудувачи
Покрај тоа што набљудувачи на политички партии, во поголем број случаи од ВМРО -ДПМНЕ , го попречуваа нормалниот тек на работење на набљудувачите на ЦИВИЛ, исто така покажаа дрзок однос кон гласачи. Забележан е навредувачки тон во обраќањето на одредени набљудувачи кон граѓани/гласачи, кон членови на изборната администрација, непочитување на мерките и протоколите за заштита од Ковид-19, неносење заштитни маски и неодржување на соодветна дистанца.
Не изостанаа неправилности во работењето и делувањето на самите гласачи, изборна администрација.
Во ИМ 2498 во ОУ „Крсте Петков-Мисирков“ во Гази Баба (ИЕ2) партиски набљудувачка на ВМР- ДПМНЕ седел со претседателот на ИО. Кога набљудувачката на ЦИВИЛ прашала да ѝ се претстават, набљудувачката го видела беџот на ЦИВИЛ и рекла „Уф, па баш на ЦИВОЛ ќе им кажувам“ и одбила да сподели информации.
На избирачките места 1675/1 и 1679 во гимназијата Кочо Рацин, претседател на општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе (IE3) бил пријавен како набљудувач од невладина организација.
Во ИМ 2281 во Штип (ИЕ3) , во населбата Свињогојство набљудувач од СДСМ постојано зборувал на мобилен телефон и забележувал гласачи во тефтер.
Во ИМ 2673 во ОУ „Браќа Миладиновци“, во населба Аеродром (ИЕ1) партиски набљудувач од Левица не носел акредитација од ДИК, рекол дека од партија му кажале дека треба да му дадат на самото избирачко место, а од ИО му рекле дека нема потреба да носи акредитација од ДИК.
Во ИМ 0835 во Кочани (ИЕ3), Партиски набљудувач на ВМРО- ДПМНЕ по гласањето на повеќе од 10 гласачи излегува од училницата да се јави на телефон. Оваа постапка ја повторил 10-тина пати и бил опоменат од ИО. Членовите на ИО му рекле дека доколку се случи уште еднаш, ќе влезе во Записник.
Набљудувач од ВМРО-ДПМНЕ во ИМ 2442 во општина Сарај (ИЕ1) , ОУ Емин Дураку, с. Буковиќ, не носел маска и по предупредувањето на ИО.
Набљудувачка од ВМРО-ДПМНЕ во ИМ 1054 во Куманово (ИЕ2), покажувала нетрпение и навредила гласач од ромска етничка заедница и кој се движел со помош на патерица.
Во ИМ 1684, ОУ „Кирил и Методиј“, во Свети Николе (ИЕ3), набљудувач од АКСИОС 2017 е препознаен како Претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Свети Николе. Станува збор за Дејан Владев. Владев влегол во избирачкото место и наишол на тројца други набљудувачи: од ЦИВИЛ, од МОСТ и уште еден кој немал беџ. Почнал да им се обраќа на другите набљудувачи, да ги брка, да кажува дека „тие се партиски и не смее да се тука“.
Во ИМ 2138 во УСЦО „Коле Неделковски“- Велес (ИЕ3) партиски набљудувач на СДСМ забележува кои гласачи гласаат.
Во ИМ 1396 во ОУ „Добре Јованоски“ – Прилеп (ИЕ4), набљудувач на партија со сина акредитација прска спреј на десен палец.
При влегување во ИМ 1456 Тризла во Прилеп (ИЕ4), еден од избирачите прво се консултира со еден од набљудувачите од ВМРО-ДПМНЕ дали ги донел гласачите што требал да ги донесе.
Во ИМ 2546 во ОУ „Кирил и Методиј“ -Стајковци во Гази Баба (ИЕ2) набљудувачката на СДСМ ја зголемувала бројката на гласачи на нејзиниот список.
Во ИМ 1391 Еурокомпозит во Прилеп (ИЕ4), набљудувачот од ВМРО-ДПМНЕ менувал еден од членовите на Избирачкиот Одбор и што ги читал податоците од личните карти на избирачите.
Во ИМ 2120 О.У „Петар Здравковски“ во Тетово (ИЕ6), набљудувач од ВМРО- ДПМНЕ, кој пушеше надвор, извади од кола една маска и му ја даде на лице кое доаѓало да гласа. Притоа му рече: ,,Љупче, знаеш, 14 е бројот,,, а лицето му одговори: ,,Зар сум те зафркнал до сега,, и влезе да гласа.
ЦИВИЛ ги објавува извештаите од изборниот мониторинг од различни аспекти, а во текот на месец август ќе биде објавен целосен и детален извештај од мониторингот на изборниот процес. Покрај за неправилностите и незаконитостите во работата на ОИК, набљудувачите на политичките партии, гласачите и партиски партиските структури, ЦИВИЛ ќе објави и анализа за прекршување на изборен молк, на самиот ден на гласањето, на 15 јули 2020 година, кога се одржаа предвремените парламентарни избори во Северна Македонија.