Три различни формати на настава и многу барања и проблеми се пласирани пред Министерството за образование во пресрет на почетокот на новата учебна 2020/21 година.
Средношколците веќе најавија протест за петок (28 август), со цел да бидат слушнати нивните барања за комбинирана настава наместо предложената онлајн. Протестот е презакажан за в понеделник поради неработниот ден за празникот Успение на Пресвета Богородица.
Од друга страна пак, на социјалната мрежа Фејсбук креирана е група во која досега членуваат 13.000 корисници кои ја поддржуваат идејата за онлајн настава за сите.
Паралелно на тоа, родители кои поддржуваат настава со присуство веќе започнале со собирање потписи кои се доставуваат до МОН и МЗ.
Ставот на родителите потписници на петицијата за настава со присуство во едно скопско училиште го пренесе А1он „Охрабрени од оваа можност, собравме потписи од родителите на сите ученици. Паралелката има помалку од 20 деца, а неколкумесечното искуство со учење од дома веќе ни покажа дека тоа не е решение, па затоа одлучивме да ја искористиме можноста“, вели еден од родителите.
Цела седмица од објавата на министрите Филипче и Адеми за можноста родителите да бираат во кој формат сакаат нивните деца да следат настава, од МОН, кои треба да дадат согласност, сѐ уште нема информации.
Д. Е.