Во координација со Министерството за здравство ќе одлучиме кога ќе се избира нов градоначалник на Штип. Ова го истакна мандатарот за состав на новата Влада, Зоран Заев при денешната посета на Македонска Каменица од каде потенцираше дека Истокот како никогаш досега и кадровски и територијално ќе биде застапен во новата Влада.
-Истокот на Македонија е доста застапен во новата Влада јас сум среќен затоа што се изнедрија кадри кои што можат да бидат чесни и одговорни репрезенти на целиот наш народ, покрај градоначалникот на Штип, Берово има министер, Крива Паланка има министер, јас сум од Југоистокот на Македонија, живеам во Струмица. Ова го кажувам заради тоа што кога се прави селекција и на првите функции во државата, се води грижа и за територијалната застапеност, застапеноста на жените и мажите во Владата. Конкретно за Штип, верувам дека Владата заедно со Советот ќе изнајде решение заедно со Министерството за здравство дали поради епидемијата нови градоначалнички избори ќе има сега, или после 5-6 месеци, за што верувам дека заедно ќе ја утврдиме одлуката, рече Заев.
На утрешната собраниска седница за избор на нова Влада очекува, како што рече, плодна дебата.
-Секогаш македонскиот Парламент имал плодна дебата за избор на Владата. Подготвувам експозе, половина од денешниот ден ќе го искористам да го дозавршам експозето со сите детали од владината програма која што е доставена, по што ќе испратам охрабрувачка порака до целиот наш народ, да ја пребродиме кризата, но и да се зафатиме со работа. Верувам во оваа земја, во овој наш народ дека ќе има подобра живеачка за сите, и дека ќе успееме, затоа прво одевме решавајки ги меѓународните прашања, чекор по чекор ја кревавме економијата и верувам придобивките ќе ги осетат сите, изјави Заев.
Во однос на преговорите за членство што и претстојат на држвава со Европската Унија, Заев го цитираше чешкиот премиер Бабиш, потенцирајќи ги придобивките од тој процес.