Идејата дека во текот на летните месеци вирусот ќе го снемало е апсолутно неточна и стручно незидржана. Вирусот е тука, бројот на смртни случаи е намален, но тој е тука, вели шефот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, во изјава за „360 степени“.
Караџовски ги критикува организациите на јавните собири, семејни веселби и журки каде не се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот.
„Не лудувајте по свадби, родендени, крштевки и журки. Оставете годинава нека помине, нека се стабилизира состојбата. И догодина ќе бидете млади. Колку свадби се имаат направено во тајност? Колку венчавки, матурски, родендени? Ова нека е поука за младите – вирусот не ги напаѓа само старите лица, тие лица ги носи на респиратор. Меѓутоа, младите, исто така, заболуваат со тешка симптоматологија, имавме немили сцени од деца и млади луѓе што починаа од 22 до 40 години“ истакнува Караџовски за „360 степени“.