Соработката помеѓу Владата и агенциите на ООН е на високо ниво и во голема мера придонесува за остварувањето на глобалните цели за одржлив развој, на кои се обврзаа земјите со потпишување и ратификација на Парискиот климатски договор од 2016 година, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на денешната средба во Скопје со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Росана Дуџак.
На средбата, информираат од кабинетот на Битиќи, се разговараше за тековните проекти во кои Владата и државните институции соработуваат со агенциите на ОН, како и за идната соработка, се со цел обезбедување на побрз и одржлив економски развој на земјата и подобар животен стандард на граѓаните.
Битиќи истакна дека Владата ќе остане посветена на имплементацијата на глобалната „Агенда 2030“ на Организацијата на Обединетите нации за интегрирање на Целите за одржлив развој во севкупното работење на државата.
Владата на крајот на 2018 година, на предлог од Националниот совет за одржлив развој, од 17-те глобални цели предвидени со глобалната Агенда 2030, издвои пет кои се најприоритетни и на за чие остварување се работи интензивно и активно.
Петте приоритетни цели за одржлив развој (ЦОР) кои беа усвоени се: ЦОР 1 (борба против сиромаштијата), ЦОР 4 (квалитетно образование), ЦОР 8 (инклузивен и одржлив економски раст), ЦОР 13 (борба против климатските промени) и ЦОР 16 (пристап до правда за сите и ефективни, отчетни и инклузивни институции).
Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до постојаната претставничка Дуџак, за ангажманите кои ги преземаат агенциите на ОН за развојот на економијата во земјава, а обајцата се согласија дека соработката помеѓу Владата и агенциите на ОН ќе продолжи да се одвива на највисоко можно ниво.






