Фејсбук објава на Филип Стојановски:
Без разлика дали наставата (ќе) се врши онлајн или со физичко присуство или хибридно, не смее да се заборави важноста на физичкото воспитување.
Тие часови не се само формат за учење правила на некои спортови, туку се наменети и за задоволување на минимум (минимум!) потреби на децата за двежење во текот на работната недела.
На децата што седат цел ден во клупа, или пред компјутер, или наведнати кон мобилниот во рачето, им е неопходно да им се обезбеди и време и простор за физичка активност (која формално се вика спорт) со други деца или сами.
Па и затворениците во најстрогите затвори имаат по неколку минути одење во круг во затворскиот двор – не за џабе.
Немам чуено ниту еден стручњак од областа на физичката култура и спортот да се произнесе, на кој начин ќе се овозможи децата да ја добијат својата неопходна доза физичко воспитание.
Претпоставувам дека за некои активности, било во фискултурна сала било во школски двор, може да се обезбедат услови според протоколите за заштита – да играат игри или трчаат или прават вежби на дистанца.
Калистеника, фискултура, партерна гимнастика, јога… таи чи чуан, кати по карате – сите тие може да се прават на дистанца и на отворено, дури и во поладни услови. Но повторно, немам чуено некој да зборува за ова.
Ако има протоколи за комерцијалните теретани и спортски клубови, белким има и за фискултурни сали преку кои државниот образовен ссистем треба да ја исполнува својата обврска децата не само да бидат научени (софтверски) туку да стигнат до полнолетство и поздрави (хардверски).
А ако нема услови во сала, останува можноста – дури и обврската да се искористи школскиот двор за некоја форма на движење и вежби. Макар да одат во круг без мобилните во рака со исправен грб (не мора да балансираат и книга на глава како што нѐ учеа дека било најефективно на времето).
И ако се децата дома, дел од распоредот во денот мора да биде посветен на физичка активност. Тоа нормално е прво должност на родителите, но исто така и школскиот систем може и мора да има важна улога во тие процеси. Како некои комерцијални фитнес или спортски оператери се префрлија онлајн, на пример преку давање видео инструкции за вежбање, одржување контакти итн. Белким има смисла тоа да го прават и наставниците по физичко за децата?
Фејсбук статус на Филип Стојановски