пишува: РИБАРО
Голема галама се дигнала во белата палата на вмровците по скандалозниот протест, каде со едвај десетина луксузни автомобили врмровците излегоа да протестираат против поскапувањето на струјата.
Изворите на АХА од белата палата јавуваат дека појавувањето на кабриолет мерцедесот и луксузните возила кои парадираа со знамињата на вмровската партија и со несоодветни пароли на изгледот на возилата, едноставно било грешка во комуникацијата.
Мицкоски, после протестот, незадоволен од своите најблиски соработници, на висок тон негодувал за дебаклот што го доживеал.
– Нели се договоравме да излеземе со нашите возила и тоа посебно нагласив да се одберат луксузните, најрепрезентативните возила од нашата ергела во гаражата и тоа добро исполирани и исчистени. Вие сте му дале да вее бајрак на оној со кабриолет мерцедесот модел од пред дестина години од само 50 илјади евра, со неисполирани фарови, и на ауди од 4 и кусур илјади кубици!
Добро, како мислите да градиме имиџ на силна и богата партија под чија сила треба да се покорува народот, ако излегуваме и се брукаме со онакви евтини автомобили? Нели гледате дека цела јавност ни се смее дека сме излегле со оној мерцедес и она јадно ауди, викал Мицко низ белата палата.
– Ама шефе јавноста бруи дека со кабролет сме излегле да продаваме муда за бубрези, дека немаме елементарно чувство за проблемите и дека е брука да се протестира за покачување од стотина денари за струја со вака луксузни коли, замисли тек да излезевме со полуксузните, рекол Јанушев.
– А клучевите од кабриолетот, аудиот и другите коли нели ни ги дадовте лично вие да ги изнесеме од подземната гаража на палатава, оти не ни се кандисуваше никој нормален, додал потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николовски.
– Нели требаше со полуксузните возила да се излези? Еве и да сум ги погрешил клучевите, вие сте тука за да ме коригирате! Нели ние сме ВМРО и имаме сила и имаме моќ… одекнувал гласот на Мицко низ ходниците на белата палата до доцна во ноќта.
Во меѓувреме од страв и неверување, Јанушев и Николоски ја напуштиле белата палата пешки, јави шефот на возниот парк на белата палата за АХА.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK