Утре (17 септември) пред Владата е најавен протест поради владината одлука за укинување на правото на продолжено породилно отсуство, во време на пандемија. Протестот го организираат мајките, со цел да ја убедат Владата да ја прифати предлог одлуката на Комисијата за заразни болести оваа категорија на родители да останат дома до 31 декември оваа година, пренесе МОФ.
„Во време кога Светската здравствена организација предупредува за нов есенски бран на заразени од Ковид – 19, кога прогнозира за зголемување на бројката на заразени и смртни случаеви Владата на Република Северна Македонија носи скандалозна, непромислена одлука да го укине продолженото породилно отсуство ризикувајки го здравјето и животот на најмалите, најкревките, оние со неоформен имунитет – бебињата.
Ние, мајките на породилно отсуство, мудро молчевме и се надевавме дека Владата ке донесе разумна одлука за продолжување на породилното отсуство но истата ја изневери нашата доверба..
Согласно вчерашната донесена одлука која не става пред свршен чин бидејки стотици деца се одбиени од градинките заради новите протоколи, заради краткиот рок што не ни дозволува и на тие што се примени да го пројдат задолжителниот период на адаптација и најважно од се илјадници деца со чиј живот не би експериментирале“, стои во најавата за протестот.
Со протестот се бара продолжување на породилното отсуство до 31.12.2020 година, за што беше креирана и онлајн петиција која ја потпишаа над 3200 мајки.
Апел до Владата да ја преиспита одлуката за враќање на работа и од првата детска амбасада „Меѓаши“.