Спорот меѓу државата и германската компанија „Вибе“ околу недоградената пруга Куманово-Бељаковце ќе се решава пред меѓународен суд. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска најави дека преку арбитража ќе се решава прекинот со изградба откако фирмата-изведувач „Вибе“ на 29 мај годинава го известила Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ дека бара раскинување на договорот за изведба на пругата долга 30,8 километри, пренесува „Мета.мк“.
Министерот Бочварски изјави дека ќе се почека одлуката од арбитражата во однос на раскинатиот договор, но и појасни дека ќе се оди со распишување на нов тендер за довршување на изградбата на оваа железничка делница во 2021 година. Тој појасни дека нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски, којшто заклучно со август изнесува 31,6 отсто, е резултат токму на потфрлувањата што се случуваат на Коридорот 8 за железничко поврзување со Бугарија.
Со претстојниот ребаланс на државниот буџет, најмногу кратења на средства ќе има токму во делот на железничкиот Коридор 8, бидејќи средствата не можат да се реализираат поради тоа што досегашниот изведувач го раскина договорот за пругата Куманово-Бељаковце.
Министерот Благој Бочварски изјави дека е недозволиво пругата кон Бугарија да се гради две и пол децении, како и дека не смееме во иднина да дозволиме да ни се случат слични работи како што е застојот со изградбата на пругата Куманово-Бељаковце. Во делот на развојот на железничката инфраструктура, тој потенцираше дека во неговиот четиригодишен мандат ќе започне со реализација на втората и третата фаза од проектот за железничко поврзување со Бугарија, односно изградбата на железничките делници Бељаковце-Крива Паланка и Крива Паланка-Деве Баир.