Министерот за здравство, Венко Филипче преку објава на својот профил на Фејсбук го осуди насилството врз негов колега од Клиниката за токсикологија во Скопје, велејќи дека за насилство нема оправдување. Министерот ги повика институциите соодветно да го санкционираат сторителот.
Лекарот се здобил со неколку повреди, но неговата состојба е стабилна и тој е пуштен на домашно закрепнување.
Денеска физички беше нападнат колега, лекар на Клиниката за токсикологија. Најостро го осудувам овој чин, нема оправдување за насилство.
За жал, ова не е прв ваков инцидент, лекарите често се изложени на вербални и физички напади. Да не заборавиме дека овие луѓе се грижат за нашите блиски и спасуваат човечки животи.
Насилството не е решение и не смее да биде. Ги повикувам институциите целосно да го истражат случајот и соодветно да санкционираат, напиша министерот Филипче во својата објава.
Д. Е.