Сведокот жртва во случајот „Таргет-Тврдина“, Горан Сугарески, пред судот рече дека од 2008 година бил пратеник во Собранието, а од 2011 и координатор на пратеничката група на СДСМ, а за тоа дека бил цел на прислушување дознал откако објавил Зоран Заев.
– Се обратив во СЈО кон крајот на 2016 година, каде ми беше кажано дека во 2008, 2009, 2011 и 2013 година службениот број бил сериозно прислушуван, изјави Сугарески.
Тој рече дека се чувствува оштетен, но дека не бара никаква штета во оваа постапка.
Новинари, политичари и други кои биле прислушувани во периодот од 2008 до 2014 година денеска сведочеа за тоа која функција ја имале во општеството во тој период и како дознале дека се прислушувано, на судењето за незаконското следење на комуникациите „Таргет-Тврдина”. Се изјаснија дека се оштетени, а најавија и оштетено побарување.
Процесот го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението се Ленче Ристеска, Трајче Пеливанов и Артан Ајро.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Ј. Ѓ.