Извештајот претставува објективна, сеопфатена и реална анализа на состојбите и остварениот напредок, но и референтна точка што ќе ги диктира реформите од еворпската агенда. Вториот дел од периодот што го покрива извештајот беше полн со предизвици, кои нужно влијаеа на динамиката на реформите покрај пандемијата, здравствената криза, во која сè уште се наоѓаме и ние и светот, подолг временски период имавме техничка влада без политички мандат и не функционално Собрание. Сепак и во вакви ограничувачки услови Северна Македонија постигна напредок и можеме и треба да бидеме задоволни од целокупната оценка на Европската Комисија.
Ова го нагласи заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, на денешната заедничка прес-конференција на која го презентираат Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година, како и пакетот за проширување.
Според Димитров, оценката за вкупната подготвеност за напредок на С. Македонија е 3,11 или добро ниво на подготвеност, што значи дека споредебено со претходната година има одредено поместување во нагорна линија, затоа што оценката за подготвеност лани била 3,06.
– Во однос на напредокот за нијанса оваа година е 3,01 или е извесен напредок, а додека во Извештајот во 2019 година оценката била 3,11, но ако се земат предвид предизвиците и фактот дека во оваа фаза на процесот севкупната подготвеност е позначајна од напредокот од година во година, рече Димитров.
Напредувања се нотирани во борбата против корупција, трговски друштва, земјоделство, образование, помал напредок, како што рече Димитров, имаше и во јавна администрација, слобода на изразување односно на медиуми, пазарна економија, финанасиски услуги, трансевропски мрежи, финансиски и буџетски одредби.
– Во 32 области се задржува истото ниво на напредок, односно во областите како што се избори, Собрание, владеење, граѓанско општество, правосудство, фундаментални права, правда, слобода, безбедност и поглавјата од АКИТО од европското зкаонодавство, појасни Димитров.
Тој посочи дека радува тоа што покажавме напредок во спроведување на европската агенда особено во четирите клучни области посочени од заклучоците од Европски совет и тоа реформа во правосудството, борбата против корупција, реформа на разузнавачките служби и реформа на јавната администрација.
Во однос на правосудсниот систем, во Извештајот се наведува дека се нотира добар напредок како резултат на спроведување на стратегијата за реформа на правосудството, со што се адресираат препораките од битните реформски приоритети, Извештајот на групата експерти за владеење на правото ПРИБЕ и на Венецијанската комисија.
Како резултат на реформите, подвлече вицепремиерот Димитров, С.Македонија има воспоставено механизми што обезбеудваат независност и отчетност на правосудството. Тоа се, подвлече, правилата за именување според заслуги, проверка на имот и судир на интереси и дисциплинските постапки. Судскиот совет има проактинва улога, а позитивно се оценува и носењето на Законот за јавно обвинителство, кој меѓу другото обезбеди континуитет на предметите отворени од поранешното СЈО.
Во споредба со минатата година забележан е добар напредок во борбата против корупцијата, што произлегува од преземените активнсоти за откривање, гонење и судење на случаи на висока корупција, како и проактивната улога на ДКСК, која отвори предмети за корупција, вклучително и за функционери од власта и претставници и членови на опозицијата.
– Слободата на изразување е една од областите на која ќе треба да се стави поголем фокус за да се подобри напредокот иако севкупната оценка е дека состојбата и климата во која работат медиумите овозможуваат слобода на медиуми и критичко известување, нагласи Димитров.
Додаде дека клучните препораки за идниот период се реформа на јавниот радиодифузен сервис, за што ќе биде потребно во најбрз можен рок избор на програмскиот совет и на Агенцијата за аудиовизуелни медиуми, борба против дезинформации, како и ефикасно санкционирање на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари.
Димитров информира дека денеска пристигна првата транша од 80 милиони евра од макрофинансиската поддршка од ЕУ на сметката на нашата Народна банка.
Во однос на реформата во јавната администрација, подвлече, има напредок од аспект на зголемување на транспарентноста, меѓудругото и донесување на стратегијата за трансапрентност, но, потенцира, треба доследно да се спроведува законската рамка за вработувања во јавниот сектор почитувајќи ги принципите за заслуги, транспарентност и правична застапеност.
– Меѓуетничката состојба е оценета како стабилна. Се нотира првпат и формирањето на предизборна коалиција со партии од различна етничка барем доминантно ориентација меѓу СДСМ и Движењеето БЕСА, рече Димитров.
Напредокот во исполнувањето на економските критериуми, оцени тој, во голема мерка е под влијание на последиците од пандемијата со Ковид -19 и мерките кои се преземаа за справување со социо-економските последици.
Како што се нотира во Извештајот, цитираше Димитров, Северна Македонија има добро ниво за подготовка за развој на функционална пазарна економија, но постигна ограничен напредок за време на извештајниот период.
– Економскиот раст се забрза во 2019 година со зголемување на инвестициите, но од април 2020 кризата Ковид – 19 остави свој белег врз економијата и јавните финансии, затворен цитат, говореше вицепремиерот Димитров.
Тој изрази благодарност за обезбедените девет милијарди евра за поддршка на реформите во регионот преку економско-инвестициски план, средства, како што информира, што ќе бидат наменети за завршување на веќе започнати, но и на нови проекти. Како илустрација, појасни, изградба на пречистителната станица во нашиот главен град Скопје, изградба на железничката секција Куманово – границата со Бугарија како дел од Европскиот Коридор 8, изградба на регионални центри за третман на цврст отпад, изградба на гасоводно поврзување со три од нашите соседи Србија, Косово и Грција, инвестици во централи за обновливи извори на енергија, поддршка на млади преку програмата младински гаранции.
– С.Македонија во изминатите години покажа дека не се плаши и не се повлекува пред предизвиците и оттаму подготвени сме со партнерски однос со ЕК со делегацијата со Гир да одговориме на сите задачи до одлучно остварување на заедничката цел членство во ЕУ или носење на европските стандарди и принципи дома, истакна Димитров.
Според евроамбасадорот Дејвид Гир ова е многу важен момент за проценка на напредокот на имплементацијата во самите реформи и всушност, како што рече, тоа се случува во пресрет на две одлуки, одлуката за започнување на преговори со Северна Македонија и Албанија.
Во неговите генерални белешки во врска со Извештајот, евроамбасадорот Гир повтори дека Северна Македонија има постојан прогрес во клучните реформи, владеење на правото, во судството, борбата против корупција и организиран криминал. Но тој моментум, потенцира, треба да се одржи и да се задржи.
Посочувајќи дека е многу сеопфатен Извештајот, тој се фокусира на некои клучни прашања што се нотирани.
Како политички критериум, подвлече тој, се нотира дека С евернаМакедонија треба да продолжи со имплементација на евроинтегративните реформи во текот на овој период.
Во однос на изборите се осврнува на самиот заклучок на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите беа генерално добро спроведени, со конкурентна атмосфера, меѓутоа сето тоа, рече Гир, беше поткопано со честите ревизии на правната рамка и на последователните владини уредби
Евроамбасадорот Гир наведе дека Извештајот нотира оти опозиционите партии остануваат ангажирани во Парламентот и ги поддржаа клучните политики од национален интерес како што се евроинтегративните реформи и членството во НАТО.
Како што истакна, Собранието ја задржа својата улога и исто така имаше конструктивна политичка дебата со која ја исполни својата законодавна улога.
Меѓу другото посочи дека се нотира оти се продолжени реформите во безбедносните служби со поставување на Агенцијата за национална безбедност и воспоставување на едно тело без полициски овластувања, но нотира дека треба да се зајакнат капацитетите за собранискиот надзор врз разузнавачките безбедносни услуги.
Гир посочи дека е нотирана и работата на Државната комисија за корупција во адресирање на наоди на непотизам за вработување блиски лица, во вработување на лица во јавниот сектор
За судскиот систем, забележа дека во Извештајот стои дека добар напредок е направен во спроведување на судските реформи.
– Што се однесува до борбата против корупција земјата е умерено подготвена, значи во консолидирање на досието за истрага исто така процесуирање на криминал за висока корупција, рече меѓу другото Гир.
Говореше и за препораките од страна на меѓународните европските институции за подобрување на статусот на притворените и осудени лица./МИА/