Здружението на граѓани Театарска Работилница Прилеп оваа година на 10 Октомври по 10 пат ќе ја реализира литературната манифестација „Поетски Слем Македонија 2020“, која редовно се одржуваше во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, а овој пат на Летната сцена при НУЦК Марко Цепенков.
Од 2011 година до денес, на поетските натпревари учествувале над 150 автори од сите градови на Македонија, а манифестацијата ја посетиле 2000 посетители само во Прилеп и многу повеќе низ Македонија. Отпечатени се 7 збирки поезија како и две електронски изданија.
– Оваа година Поетскиот Слем Македонија беше поканет и учествуваше и на Струшките вечери на поезијата. Поетски Слем минативе години одржуваше и работилници, гостувања и хуманитарни настани во Тетово, Скопје, Кавадарци и Битола, а би го издвоил Руралниот Слем настан кој две години се одржува на полињата со лаванда на висорамнината Витачево во соработка со здружението Биовита од Кавадарци, изјави оснивачот на манифестацијата Игор Трпчески за Фронтлајн.
Традиционално победниците на Поетскиот Слем учествуваат на Европскиот Слем натпревар и до сега Афродита Николова учествуваше во Стокхолм, Елена Пренџова во Лувен, Игор Трпчески во Брисел и Марија Грубор во Будимпешта, минатава година за жал се одложи гостувањето во Милано. Оваа година европското гостување ќе се одржи виртуелно во Марибор, Словенија во декември.
Специјални гости на Поетски Слем Македонија во изминативе 10 год. биле: Џабир Дерала, Сеад Хаџиќ Сецко, Никола Маџиров, Атанас Чупоски, Љуљзим Хазири, Мариј Росен актер и режисер од Софија, Катарина Фиаменго од Белград, Бранислав Николов, Тихомир Јанчовски и Симеон Иванов – Канго.
Актерот и режисер, Трпчески Игор кон крајот на 90тите години го основа Здружението на граѓани Театарска Работилница Прилеп со која учествува на голем број културни настани низ државата teatarskiraboti.wixsite.com/prilep.
Националниот Поетски Слем Македонија е поддржано од Министерството за култура и Локалната самоуправа Прилеп.
Ј. Ѓорѓиоски