Преку Развојната банка, микро и малите домашни компании погодени од ковид кризата ќе добијат финансиска поддршка од државата во висина од 975.000 евра. Одлуката ја донесе Владата на синоќешната седница, на која, ја усвои Информацијата за бескаматна кредитна линија со грант компонента, наменета за микро и мали претпријатија (Ковид 3). Министерството за финансии за таа цел ќе потпише договор за администрирање на средствата со Развојна банка, соопштија од Владата.
„Министерството за економија треба да донесе предлог-одлука за префрлање на средствата од програма П1 во вкупен износ од 60.000.000 денари (975.000 евра) на посебна сметка на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, како буџетски придонес во реализација на мерката, по што банката треба да ги преземе сите активности за операционализација и воспоставување на третата бескаматна кредитна линија за поддршка на микро и мали претпријатија“, се вели во владиното сопштение.
Финансиските средства за оваа бескаматна кредитна линија се повлечени од 50-те милиони евра, награда за успешност во целокупниот напредок во процесот на Европска интеграција на Северна Македонија. Владата со официјален допис се обрати до Европската комисија дека средствата ќе се користат за заздравување на земјата од последиците од пандемијата со ковид-19.