Инфективните одделенија во болниците се преполнуваат, а пациенти со ковид-19 се сместуваат и на интерните одделенија во дел од болниците низ земјава, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Во моментов речиси 600 пациенти заболени или сомнителни на ковид-19 се сместени во инфективните одделенија низ земјава. Доколку болниците се преполнат, опција е пациенти да се испраќаат во други земји, рече Филипче.
„Доколку дојде ситуација да е потребно да се ангажира уште поголем број на медицински лица, апсолутно дека ќе се пренаменат и другите болнички капацитети од интернистички одделенија. Во болниците Битола, Прилеп и Охрид веќе се сместуваат пациенти на интернистички одделенија. Можно е да се соочиме со ситуација кога и друг кадар ќе работи само со пациенти со ковид-19. Можно е да има период кога целокупниот останат програм ќе да се намали со цел целиот кадар да се посвети на лекување на пациентите со ковид-19“, рече Филипче.
За такво сценарио вели Филипче, се спрема и министерството за здравство, иако засега, не верува дека ќе има потреба за тоа.