пишува: БИЛЈАНА ЈОРДАНОВСКА
Дали мислиш дека животите на илјадници граѓани се помалку важни, од неколку часа нарушување на твоите права според Првиот амандман?“, Дејвид Палмер (Денис Хајсберт)
„Не, не мислам. Но, според Повелбата за правата, тоа требаше да биде моја одлука, а не ваша, господине претседателе…“, Рон Вилман (Мајкл Холден)
„Имав потреба од балансирање меѓу јавното здравје и правата на Рон Вилман. Му понудив договор и тој ме одби. Можам да речам имав правен преседан за мојата одлука“, Дејвид Палмер (24, сезона 2, епизода 21 (од 4 до 5 часот наутро), 2002 година)
Ако некогаш сте ја погледнале телевизиската серија „24“, а ако не, препорачливо е барем една сезона од вкупно девет да се погледне, ќе знаете дека во секоја сезона главниот лик Џек Бауер (Кифер Сатерленд) се соочува со проблеми што ја загрозуваат националната безбедност на САД и секогаш во корелација или со претседателот или со високи функционери, а против терористичка закана од огромни размери што загрозува илјадници животи на американските граѓани. Конкретно во втората сезона заканата е нуклеарна бомба што треба да биде казна за преземените акции на претседателот Палмер. Ситуацијата со справување со терористите е секогаш пред ескалирање буквално до последната епизода што го доведува претседателот Палмер и агентот Бауер во невозможни ситуации кои во нормални услови нарушуваат повеќе од едно човеково право, според сите закони и Уставот на САД.
Во конкретниот случај се загрозува правото на слободата на говор или изразување и правото на информирање. Оправдувањето за таквата одлука на претседателот Палмер е животот на илјадници граѓани што дополнително би се загрозил со сознанието дека во било кој момент може да експлодира нуклеарна бомба.
Според првиот амандман од десетте, колку што содржи Повелбата за правата, дел од Уставот на САД, се гарантира правото на граѓаните на мирно собирање и изразување, како и право на протест упатен кон власта, со обврска никогаш да не се донесе закон што ги ограничува овие права.
Слободата на изразување е неотуѓиво човеково право, утврдено во член 19 во Универзалната декларација за човековите права:
Сeкoj имa прaвo нa слoбoдa нa мислeњe и изрaзувaњe. Oвa прaвo јa вклучувa и слoбoдaтa дa сe зaстaпувa oдрeдeнo мислeњe бeз никaквo вмeшувaњe и дa сe бaрaaт, дa сe примaaт и дa сe дaвaaт инфoрмaции и идeи прeку мeдиумитe и бeз oглeд нa грaницитe.
Во членот 10 од Европската конвенција за човековите права стои:
Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.
Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.
Пресликано во наши рамки, во моменталната кризна состојба, прашањето би било: Дали животот на илјадници граѓани, потенцијални жртви на Ковид-19, е помалку важно, од слободата на изразување на поединци или групи?
Земајќи ја обѕир Европската конвенција за човековите права, дека таа слобода носи свои обврски и одговорност, особено кога се работи, во случајот за јавна безбедност и заштита на здравјето, дали неограничената слобода на изразување е далеку поважна од здравјето и животот на сите луѓе од невидлив и непознат непријател?
По дефиниција, слободата на изразување подразбира слобода на мислење, слободно и индивидуално изразување на мислење, слобода на медиумите, слобода да се информира и да се биде информиран. Како граѓанско право, слободата на мислење е фундаментално човеково право кој никој не може и не смее да го загрози или ограничи. Како политичко право слободата на изразување на мислење може да подлежи и на одредени санкции во случаи како што е наведено и во Европската конвенција за човекови права.
Во член 16 од Устав на Република Северна Македонија се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање. Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации, Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање. Цензурата е забранета.
Клучно за нас во состојба на пандемија, е што слободата на изразување е право на пренос на информации од секаков вид и истовремено барање за прием на информации од секаков вид. Со оглед дека цензурата со Устав е забранета, тоа подразбира дека слободата на изразување има целосна слобода без никакво ограничување да се изразува. А со оглед дека таа е една од основните столбови на едно демократско општество, колку се загрозува демократија во вакви услови на пандемија?
Ако слободата на изразување на мислење или слободата на говор е нецензурирана, како тогаш таа помага или одмага во оваа наша, но и глобална, реалност на демократско живеење? Тргнувајќи токму од фактот дека Северна Македонија се декларира како демократска држава, на добар пат кон интеграција во ЕУ.
Прашања и дефиниции многу, но одговорот е ист: во вонредни ситуации во кои е загрозено здравјето на граѓаните, а со тоа и нивната безбедност во државни рамки, слободата на говор е ограничена, а човековите права, по овој и по многу други основи се загрозени. Со тоа еден од столбовите на демократијата е само разнишан. Зошто? Затоа што секоја одлука што се носи од властите, а кои како последица ја имаат токму ограничената слобода на изразување, подлежи на довербата укажана кон нив токму од граѓаните, по демократски пат, кои очекуваат од своите избраници подеднаква безбедност и заштита за нивните животи, како основно човеково право.
Да, во нашата земја наголемо се искористи приликата да се земе слободата на изразување здраво за готово, со загрозување на слободата на другиот/те, без да се земат предвид последиците по сопствените живот и здравје, како и опстојувањето и здравјето, не само на граѓаните, туку и во сите сфери од општеството.
Слободата на изразување изговор за говорот на омраза
Пандемијата со Ковид -19, Македонија ја дочека во веќе вжештена атмосфера поради предвремените парламентарни избори што беа закажани на 12 април. Како и секогаш дел од изборниот фолклор, освен дневните партиски препукувања, е врбување на што е можно поголем број на симпатизери и замајување на што е можно повеќе граѓанки и граѓани со реторики на докажување на правото на едната страна наспроти другата. И додека едните се секогаш во дефанзива, офанзивните напади на другите под закрила на слободата на социјалните мрежи и интернет портали, без ничија контрола, се придружени со говор на омраза, повик на дела од омраза, пласирање лажни вести, дезинформации, ширење паника…
Токму таа неограничена слобода на изразување во вителот на една националистичка машинерија удира и по човековите права и достоинство.
Пандемијата со Ковид-19 ги алармираше сите институции што во принцип мораа да работат заеднички за надминување на кризата што уште трае. Но, токму изборниот контекст ги стави во ситуација на поделени табори што на моменти јавноста ги доживува како борба за власт, по цена на јавното здравје. Говорот на омраза и меѓу власта и опозицијата, поткрепен со ширење на лажни вести, дополнително ги стави во тешка ситуација сите оние надлежни органи чиј приоритет беше и остана јавното здравје. Особено во моменти кога здраво-разумското поимање на состојбата се заменува со теории на заговор поткрепени со сите болести на нашето современо живеење: национализмот, нетолеранцијата, говорот на омраза и насилството.
„Слободата на изразување е постојана борба за заштита на јавниот интерес и човековите права од оние што сакаат да ги ограничат, поткопаат и обезвреднат“, вели Петрит Сарачини по повод Светскиот ден на медиумите, 3 мај.
Но, како илустративно, во пракса, се ширеше говорот на омраза под превезот на слободата на изразување?
Постигнувањата во областа на слободата на изразувањето се евидентни, но придружени со низа слабости и предизвици
По повод Светскиот ден на медиумите оваа година, ЦИВИЛ констатираше дека постигнувањата по падот на режимот во сферата на јакнењето на медиумските слободи се евидентни, но придружени се со низа слабости и предизвици. Слабостите и предизвиците се последица и од трендови со поширок регионален и глобален карактер, но не мал дел од нив се и од субјективна природа.
„Паралелно со пандемијата, со уште поголема брзина се рашири и инфодемијата. Во изминатиот период, врз основа на долгорочниот мониторинг, ЦИВИЛ повеќе пати констатира и ја алармира јавноста дека инфодемијата не ја одмина ни Северна Македонија. Притоа, лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата се оружје во пропагандата на одделни политички партии и центри на политичкото и криминалното подземје, чија цел е поткопување на довербата на граѓан(к)ите во здравствениот систем и во институциите воопшто. Медиумите играат голема улога во дистрибуцијата на овие хибридни закани против демократијата“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.
Само оваа констатација доволно зборува колку опусот на одредени структури е всушност безгранично злоупотребување на слободата на мислење и на изразување под закрила на неказнувањето на креаторите и поттикнувачите на говорот на омраза.
Интернет просторот преполн со говор на омраза, но без систем и пракса на казнување
„Постапките се водат неефикасно и ја губат смислата. Пресуди можат да се бараат и во граѓанските и кривичните судови. Сепак, ни недостига судска пракса во однос на говорот на омраза. Она што го видовме како позитивен тренд изминатиот период беше во однос на Договорот од Преспа. Но, сепак видовме дека државата се обиде да го санкционира националистичкиот говор на омраза, она што одговара на моменталниот политички контекст. Додека од истиот говор на омраза кога страдаат најмаргинизираните, тогаш како да се нема волја да се постапи“, вели Драгана Дрндаревска, од Коалиција Маргини во интервју за ЦИВИЛ, сметајќи дека со ваквиот однос на државата, насилниците ќе продолжат да шират говор на омраза, а жртвите ќе бидат обесхрабрени да го пријавуваат.
Ваквото тенденциозно справување со говорот на омраза во даден политички контекст се покажа и за време на пандемијата особено во изборен контекст на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Интернет просторот беше блокиран од лажни вести, дезинформации и говор на омраза, инфодемијата нашироко се распосла во сите сфери на општественото живеење преку дискредитација на јавното здравје. Под изговор дека сѐ е тоа дел од слободното изразување и право на секој да каже или да сподели, најчесто, се злоупотребија и социјалните мрежи, но и интернет просторот во целост. Па така, на сцена, искористувајќи го токму правото на слободен избор, во случајот со распределба на гласачите, стапија говорот на омраза, дезинформациите и лажните вести.
Иницијативата на ЦИВИЛ против лажни вести, дезинформации и говор на омраза забележа огромен пораст во нивното дистрибуирање онаму каде има најмала контрола врз тоа кој пишува, каде пишува, зошто пишува – интернетот.
„Но, уште позагрижувачко е тоа што омразата која доминираше во виртуелниот, во оваа кампања, не ретко се прелеваше и во реалниот свет. Поларизацијата и радикализацијата на комуникацијата резултираше и со не така мал број на инциденти, директни закани со оружје, физички вандализам, физички напади и насилство. Нападите се насочени кон партии, нивни лидери, истакнати поединци во кампањата, но и кон други – граѓански организации и активисти, новинари, јавни личности, па дури и кон сосем обични граѓани, кои воопшто не се дел од изборниот натпревар“, вели Петрит Сарачини во неговата опсежна анализа „Наместо со фокус на понудата за граѓаните – медиумите со рефлексија на кампањите доминирани од црна пропаганда, дезинформации, клевети, навреди и омраза“, што произлезе како резултат на наодите токму од Иницијативата на ЦИВИЛ и мониторинг тимот.
Општ заклучок по набљудувањето, како што се вели во анализата, е дека дезинформациите, клеветите, вербалното насилство, навредите и говорот на омраза, во недостаток на мобилизација преку масовни настани, станаа едно од главните оружја на партиските кампањи во ова предизборие.
Причината – пандемијата со Ковид-19.
Сепак, казни има…
Дека сепак, некој се казнува сведочи и ова соопштение од Министерството за внатрешни работи од 6 мај: Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика поднесе кривична пријава против Б.П.(32) од Скопје, кој работи во Р.Германија, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Пријавениот, како што соопштуваат од МВР, по пат на информатички систем, на 6 мај 2020 година до електронската пошта на функционер од политичка партија и до електронска пошта на Владата на Северна Македонија испратил текст со говор на омраза. Потоа, Б.П. на својот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ објавил постови во кои имало говор на омраза, а се однесуваат на претседател на политичка партија. Исто така, истиот ден Б.П. на објавен пост на „Фејсбук“ профил на една ТВ куќа имал објава во која се ширел говор на омраза, посочуваат од МВР.
И толку… до изборите.
Како се приближуваа изборите, така МВР „ажурно“ работеше на случаите со говор на омраза и дела од омраза. За илустрација на транспарентноста и одговорноста на МВР, на крајот на јуни тие официјално го одбија барањето на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за слободен пристап до две поднесени кривични пријави за ширење говор на омраза. Барањето беше одбиено со изговор дека копиите на кривичните пријави не можат да се достават затоа што целата документација и доказите се доставени во Основното јавно обвинителство. По спроведување „тест на штетност“ утврдиле дека ако се дадат копиите на пријавите, ќе настане повреда на работењето на МВР. ЗНМ на ваквото решение, со кое не им се даваат копии од овие кривични пријави, изготви жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во жалбата се вели дека решението на МВР има недостатоци, неразбирливо е и противречи само на себе и оти не се наведени решителни факти за донесување такво решение. Само во првите шест месеци од 2020 ЗНМ регистрираше седум случаи на закани и навреди врз новинари на социјалните мрежи.
Јавно, МВР реагираше и итно го реши случајот, кога и во горенаведениот пример таргет беше премиерот Зоран Заев. Министерството за внатрешни работи потврдија дека една закана на социјалните мрежи е идентификувана и процесирана и е поднесена кривична пријава против В. З. за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“, кој преку Фејсбук му се закани на премиерот со куршум.
„Секторот за компјутерски криминал деновиве поднесе или во тек е постапка за поднесување на кривични пријави против десетина лица за содржини објавени на социјалните мрежи со кои се шири омраза и се загрозува сигурноста на граѓаните, а се поврзано со празнувањето на Илинден“, беше одговорот на МВР за ЦИВИЛ Медиа на 1 август во пресрет на празникот Илинден.
Политиката на неказнивост е очигледна, колку што е во многу случаи очигледна и селективната природа кога станува збор кон кого е насочен говорот на омраза.
Па споредбено, ЗНМ, но и други релевантни организации, вклучувајќи ја и ЦИВИЛ преку сопствени искуства, информираат и реагираат на игнорантниот однос на МВР кога мета се новинари и граѓански активисти, а покажуваат капацитет и способност за решавање на вакви случаи кога станува збор за функционери.
Таа слобода на изразување лишена од одговорност, а насочена кон „неподобни“ личности (новинари, активисти), ја искористи пандемијата со Ковид-19 со желби за „позитивен тест“, „ако има господ ќе си умрете“, „само тоа и заслужувате“…
Избори– меч со две острици
Пандемијата се покажа како одлична подлога за злоупотреба на слободата на говор, особено кога за момент приоритетот од јавното здравје се насочи кон спроведување на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Се разбира, со протоколи за заштита од Ковид-19, што повлекоа низа промени во начинот на гласање.
Настрана што официјалниот старт на изборната кампања беше денови порано од законски регулираниот рок, стартот на говорот на омраза, лажните вести и дезинформации започнаа уште пред конечното официјализирање на датумот на избори.
Човеково право е и правото на глас, право на избор и право да се биде избран. Изборите всушност на некој начин се исто еден од столбовите на демократските општества. Во наши рамки, правни, уставни, граѓански, секогаш клучно прашање е заштитата на гласачкото право. Со оглед дека правото на глас е во суштинска врска со правото на слобода на изразувањето, слободата на говорот, заштитено со Уставот, Изборниот законик, меѓународното право, неминовно е постојано да биде загрозено паралелно со кршење на човековите права, социјалните неправди, медиумската манипулација, дискриминацијата, како и преку различни видови на структурно насилство од оние кои што најмногу имаат бенефит –локалните или централните власти.
Затоа, секогаш, во секој изборен циклус, гласачите се соочуваат со опасност од кршење на правото на глас, под постојан притисок колку нивниот глас ќе биде даден со слободна волја, а колку предмет на манипулации, закани, притисоци и поткуп.
Овој пат изборот беше меѓу потребата од формирање Влада и Собрание за функционалност во целост на државата, на која требаше да и се верува во максимално спроведување на протоколите за безбедност и заштита од пандемијата или приоритетот од заштита на правото на здравје, сопственото и јавното особено во услови на здравствена криза во глобални рамки.
И додека едната страна водеше кампања дека изборите се потребни за поголема одлучувачка моќ и носење закони што би биле во интерес на јавното здравје, без постојано воведување на вонредна состојба и дебати кој ги има ингеренциите, а кој не, другите се служеа со црна кампања за да го оцрнат опонентот и колапсот што го предизвика пандемијата.
Засилените реторики на другите, што беа поткрепени со вистински, полу вистински и огромен број лажни профили на социјалните мрежи чија единствена цел беше секојдневно ширење на говор на омраза, лажни вести и дезинформации кон противникот, беа насочени токму кон јавното здравство и справувањето со пандемијата.
Овие наративи имаа доволно време да се развиваат и да добијат структура на постојани атакувања уште со првата вест дека во Северна Македонија има случај на позитивен од Ковид-19. Партиските соопштенија беа полни со напади и одбрана за тоа кој, како и кој и како треба да се справува со пандемијата. Од корпусот на човекови права редовно беа користени како флоскули правото на јавно здравје, социјална заштита и човековото достоинство и слобода. Се разбира, во не секогаш јасни и добронамерни конотации. Во тој период со техничка Влада со врзани раце, почитувањето на човековите права во услови на пандемија беше мечот за чиј припадност се бореа сите засегнати страни.
Граѓаните/гласачите како и секогаш беа на потег. Одлуката беше голема излезност, свесност за потребите од почитување и придржување кон мерките и протоколите на денот на гласање, конституирање на Собрание и формирање Влада.
Но, она што остана како црна дамка е атакот на слободата на изразување, слободата на медиумите, правото на информирање и правото да се биде информиран. И не само во изборен контекст. Ограничувањето на овие права или поточно злоупотребата на истите, во борба против невидливиот непријател со маски, дистанца и растојание од 2 метра, ја засили секогаш присутната, барем во нашата земја, потреба од политичко поентирање на штета на граѓаните и нивната благосостојба во било кој сегмент од општественото живеење и делување.
Изборите поминаа, пандемијата остана и се засили уште повеќе.
*
И да се вратиме на почеток, дали слободата на говор заслужува приговор? Дали се побитни слободите на поединци и групи наспроти човештвото во целост? Колку слободата на говор е вистинска слобода, доколку никој не сноси одговорност или ако политиката на неказнивост е пракса, а не исклучок.
Уште повеќе дали ние како поединци со својата слобода себично се расфрламе без морална и човечка одговорност за штетата што со неа ја предизвикуваме.
И колку чини слободата наспроти јавното здравје? Маска, средство за дезинфекиција и дистанца?
„Во војна, вистината е прва жртва“, Ахил. Но, што е вистина во состојба на здравствена криза? Вистината е дека на слободата на изразување, слободата на говор, медиумската слобода им е потребна заштита, но и гаранција дека во време на криза некој ќе сноси одговорност за нејзината злоупотреба.
„Времето е секогаш соодветно да се направи она што е исправно“ – Мартин Лутер Кинг
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторката.