Владата неодамна ја прифати иницијативата на синдикатите недела да биде прогласена за неработен ден, а Министерството за труд и социјална политика веќе работи на измени и дополнувања на Законот за работни односи.
Синдикалните претставници сметаат дека недела треба да биде ден за одмор и ден за семејството, но бизнис секторот предупредува дека ова законско решение треба добро да се обмисли, да се направат проценки за влијанието врз економијата и да се види кои се гранки односно економски оператори можат да си дозволат да не работат, а кои не, пред се заради нарушување на работниот процес. Ова особено, како што потенцираат, поради тоа што бизнисот е и онака ранлив поради пандемијата предизвикана од корона-вирусот.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека на дневно ниво одржуваат координативни средби и работни состаноци со сите чинители кои се засегнати во носењето на новото законско решение, но не прецизираат во која насока се движат разговорите. Појаснуваат дека во најскоро време ќе излезат со предлог законското решение.
„Веќе одржавме неколку средби со Синдикатите како претставници на работниците, со претставници на работодавачите, Сојузот на Стопански комори, но и со претставници од министерствата за економија, финансии, информатичко општество.Сите овие консултативни средби се во насока да се слушне ставот и мислењето на сите страни и се дојде до одржливо решение кое нема да го наруши функционирањето на општественото живеење од една страна, но од друга страна неделата навистина за доминантен број од работниците ќе биде неработен ден и ден за семејството“ велат од Министерството.
Потенцираат дека ова решение мора да има и исклучоци, со оглед на тоа што некои дејности се од витално значење, како полицијата, здравството, противпожарната служба…
„Станува збор за комплексно прашање, неопходна е целосна координација помеѓу повеќе министерства, поради што очекуваме дека во најскоро време ќе имаме првични дефинирани решенија“ посочуваат од Министерството.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) се на став дека пандемијата всушност покажала оти целокупното општество може да функционира и доколку недела се прогласи за неработен ден. Ова решение, потенцираат, ќе овозможи работниците да бидат позадоволни, поодморени, а со тоа и попродуктивни.
„Во услови на Светска здравствена криза, предизвикана од Ковид – 19, се покажа дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници, а во изминиот период видовме дека со прогласените мерки и полицискиот час кој траеше за време на викендите целокупното општество може да фукционира и доколку недела е прогласен за неработен ден. Потсетуваме дека ССМ, покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство, а во насока на заштита на работничките права и обезбедување на баланс помеѓу работата и семејството, ССМ веќе предложи ден на неделен одмор да биде сабота и недела“ вели Дарко Димовски од ССМ.
Тој вели и дека во регионот последна Словенија вовела неработна недела. Ние, додава, можевме да бидеме пример за целиот регион, но, се уште можеме да се приклучиме кон останатите држави од регионот, а да не бидеме последни кои ќе го воведат ова право на работниците.
Ставот за недела како неработен ден го делат и од Гласен текстилец. Тие бараа со закон да се забрани работа во недела. Потенцираа дека решението треба да е трајно, затоа што, како што велат, во земјава газдите немаат навика да плаќаат за работа во недела, иако законот го налага тоа.
Од Гласен текстилец стравуваат дали и какво решение ќе биде донесено, пред се, како што потенцираат поради можниот притисок од бизнисот.
Воведувањето на неработна недела од невладината организација Гласен текстилец го побарале потикнати од истражувања и согледувањето дека има многу поплаки за прекувремена работа или неплатен труд на вработените. Такви одговори добиле особено од вработени во текстилната индустрија, моловите, градежништвото…
Работодавачите велат дека се согласни оти е добро работниците во недела да не работат, да им биде тоа ден за семејството, да можат да посетат туристички и рекреативни места, но, потенцираат дека ова решение мора добро да се обмисли, да се види кои дејности тоа може да го прифатат, а кои не. Исто така, велат дека треба да се размисли дали и колкави би биле економските загуби во услови кога економијата трпи штети поради кризата со Ковид-19.
„Свесни сме дека оваа идеја недела да биде неработен ден е добра за работниците, еден ден да бидат заедно со своите блиски, со фамилијата, да организираат неделен ручек, да имаат време за рекреација, посета на рекреативни места…, но, поради нашиот степен на еконоски развој споредено со другите држави мислиме дека не е добро целосно затворање на целата економија во недела. Да речеме Словенија во недела не работи ама има 26.600 долари по жител, а ние имаме само 6.200 долари. Од друга страна во Бугарија која има нешто подобри резултати од нас, неделата е работна. Затоа може да се случи нашите луѓе во недела масовно да одат во бугарските молови, да пазарат и да остават девизи таму“ вели претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.
Тој додава и дека не сите дејности можат да си дозволат да не работат. Има дејности, посочува Димитров, кои зависат и од временските услови.
„Градежништвото, земјоделието, преработката на зеленчук и овошје, бидејќи тие преку зима три до четири месеци не можат да работат и мора да има прераспределба на работно време да работат до кога можат, а потоа да седат дома. Што е со млекарите бидејќи природно свежо млеко од млекарите мора да се земе и во недела и веднаш да се преработи бидејќи во спротивно ќе се расипе. Во металургијата, печките и останати постројки така се димензионирани да има континуирано работење седум дена во неделата. Ако не работат во недела ќе имаат огромни штети“ вели претседателот на Организацијата на работодавачи.
Сектори кои не трпат да не работат во недела се и автобускиот и железничкиот транспорт. Имаме, вели, многу специфични гранки и тоа мора да се доуреди да биде прецизно кажано. Текстилната индустрија, на пример, може да ја организира работата и да не работи во недела. Според него, акцент треба да се стави на непочитување на законските одредби кои се однесуваат на правата на работниците и оти оттаму можеби поаѓаат надлежните институции.