пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Транзицијата, меѓу другото, беше процес на растурање на големите структури.
Какви што беа класите, народот и нацијата.
И големите фирми.
Така се спушташе отпорот кон промените и кон новите вредности на времето и на историјата.
Во тие процеси, одбранбените бедеми се претвораа во решетки низ кои ќе дуваат ветриштата на промените.
Тоа не значи дека денеска немаме народ или нација.
Ги имаме, но како евнуси во харемот на времето.
Како камшици за самоповредување.
Тие се живи во нашата емотивна и мемориска инерција, но ги нема во нашата потенција.
Затоа вмро личи на атлетичар кој постојано си ја спушта летвичката на бетонскиот ѕид на времето. И никако да ја скокне. Само се лепат на тој ѕид како инсекти на шофершајбна. Затоа таа организација служи за заебанции. Добро, и за валканици. Што со шмрковите на разумот или со обилни мочки, мораме да ги симнуваме од ѕидот. И од шофершајбната. Заедно со сите инсектни симпатизери од таканаречениот лев блок на затвореното општество.
Во тој контекст, сдсм и Заев изгледаат како модерни структури. Тие, всушност, и се модерни структури. Кои во услови на тенко парламентарно мнозинство решаваат крупни прашања. Освен импотентниот цинизам, веселиот лај по социјалните мрежи и телевизиската окупација на однесените од виорот на историјата, нема звук и структура која може да им се спротивстави, односно тие што ги има се испразнети од материјалната сила на своите општествени втемелености.
Изгледа апсурдно, но решавањето на капиталните проблеми на Македонија никогаш не било можно со помала политичка предност во Собранието. Која станува огромна и ненадоместлива кога ќе и се додадат визијата, ризикот и храброста. Мирисот на новото. Диктатот на времето. Метриката на новиот ритам.
Вчера објавив еден статус на кој му бев дал ваков наслов: Народот, Марион и Вилма!
Одеше вака:
Ќе му се случел народ.
Демек, на Заев.
Вика Жмицко.
Но, прашајте во Хидрометеоролошки завод, ќе ви кажат дека повеќе шанси има на Тричко да му се случи Марион Котијар, отколку на Заев народ.
Нема народ, драг мој Христијане, Македонија не е во климатската зона во која се случуваат народи.
Но, затоа, тебе може да ти се случи Русковска
И на Хер Флик Милошоски, натурлих.
Тука е жената, прееска ја видов, возеше ролшуи на Кеј.
Какви тектонски пореметувања во внатрешните односи, капацитети и саморазбирања.
Не би имал што да додадам. Освен, можеби, две-три реченици. Можам да замислам некои работи кои ќе го направат договорот со Бугарија невозможен. Со крајни напори, признавам. Но, во тие работи не е случувањето на народот. Народот и неговото случување постојат само како илузија. Опасна, но само илузија. Крупните работи не беа решавани затоа што нерешавањето го расквасуваше народот, затоа што го подготвуваше за неопходната операција во која ќе му ги извадат од утробата и од мозокот сите тумори и бумбари. Народот е сјебан со нерешавањето на проблемите. А, можеби, е спасен. Тој не е победник во својата одбрана туку тешко поразена страна. Не е веќе ниту страна. Мечето Гоце ќе му испадне од рацете, сестрите ќе му ги собујат топлите комитски чорапи, докторот ќе му го фрли александрискиот шлем во кантата за отпадоци и тука на операционата маса ќе го отворат кон новите стандарди.
Тоа е.
Нема бегање од болницата.
Шарената револуција беше шарена не затоа што фрлавме боја по фашизираните институции, туку по тоа што беше граѓански изблик. Шарени протони во акцелераторот на незадоволството, хигс бозони во цевката за слобода и правда. Всушност, не изблик, туку река. Тоа не беше случување на народот. Туку на граѓанството. Имаше обид за случување на народот во оние тракторски колони на просташтвото и во крвавиот пуч кој со сета своја трагика, всушност, беше демонстрација на тоа за што јас тука пишувам: тажно карикатуризирање и на народот и на неговото случување и на неговите ороводци. Гледавме како вморонскиот макро ја коле женската што мислеше дека му е проститутка.
Македонија.
Промените се гледаат и на едно друго многу важно ниво. Вмро-дпмне е испразнета од својата идејна и материјална супстанца. Моќната општествена, политичка и идејна структура е сведена на кучето Мицко кое секој ден лае по месечината, дури и кога оваа не е излезена. Лае кога е полна, лае кога е три четвртини, лае кога е полумесечина. Лае на децата по терасите кои со огледалца го заслепуваат и му довикуваат: месечина, месечина! Од кафеаните му го пуштаат Бајрамовиќ или Бреговиќ со истоимената песна, а тој се дразни и лае ли лае.
Од друга страна Социјалдемократскиот сојуз не може да го темели својот опстој на опасноста од вмро, на вморонската опасноста за нацијата, затоа што во првобитната форма на судирот загубени се и вмро и нацијата, постојат само проблеми на државата, на граѓаните и на општеството кои мораат да се решаваат како такви, а не како национални прашања. Националното прашање беше супстанца што го дефинираше решавањето на државните прашања. Опасно бавно и крајно проблематично. Времето беше исполнето само со порази кои дополнително беа прогласувани за победи. Немаме веќе време за таква комоција. И затоа државата мора да ја презеде таа супстанцијална улога во која ќе се интегрира решавањето на таканареченото национално прашање. На тоа што од тоа прашање е останато. А Македонците, во својата инерција, не смеат да бидат извор на проблеми за другите. Во судирот со Софија се решава и албанското прашање, односно прашањето на Албанците и на другите во Македонија.
Наместо таа поделба сдсм-вмро, сега почнува да доминира поделбата на нормални луѓе и лудаци кои мислат дека нацијата се гради на зелениот терен во Тбилиси. А не на зелената маса во Пржино.
Јас мислам дека овие од пржинската, преспанската, софиската, берлинската и бриселската школа, треба да се договорат да не ги ебат овие од таканаречената новинарска школа, не да ги елиминираат, тоа е невозможно, но да ги ситуираат заедно со вмро, со Мицко и другите, во некое фолклорно друштво кај што тие ќе си ги негуваат вековните традиции на македонскиот народ. Подалеку од државните дела. И уште нешто: нивните придружни членови од типот на Владе и неговото десно маде истетовирано со Кикифрики, со својата злосторничка колаборација, упердувена во грижата за македонштината, на еден апсурден начин придонесуваат за одбрана на идентитетот така што ги растураат неговите патетично искривени елементи повеќе отколку некои кои директно ги напаѓаат. Тие не го уриваат Заев туку отпорните точки на класичниот македонизам прикажувајќи ги во нивната карикатурална димензија. Со Мицко дуваат во истиот рог мислејќи дека е тоа трубата на Мајлс Дејвис. И вмро. Макар што не изгледа така. Хахаха!
Слушам дека Бугарија ќе ја чека новата американска администрација и дека ќе го чува ветото за Македонија како некаков адут.
Ако Бугарија не е несреќна по други линии, нема зошто да биде несреќна по македонската линија.
Впрочем, како и Македонија по линијата на Бугарија.
Ние не бираме меѓу Европа и Балканот.
Ако воопшто нешто бираме, бираме меѓу Европа и смртта.
Нема Македонија без Европа.
А не сум сигурен дека ќе ја има и Бугарија ако во Европа ја нема Македонија.