Продолжуваат тепачките околу престолот во ВМРО-ДПМНЕ. Веќе подолго време „матниот играч“ Васко Ефтов води „војна“ против Мицкоски, а еден од најчестите гости-вмровци му е уште поматниот Филип Петровски.
Со вообичаената помпа, Ефтов, кој секогаш е полн со информации со кои умее да манипулира, понекогаш и успешно, најави дека утре во 22 часот ќе ја објави својата емисија „Во центар“ во која Петровски ќе говори за состојбите во неговата матична партија која е во длабока криза.
Ефтов открива дека во интервјуто Петровски вели дека „во овој момент Антонијо Милошоски е човек број еден во ВМРО-ДПМНЕ и дека тоа е дел на тоа кичевско удбашко крило во партијата. Дел од тоа крило според него е и семејството на сегашниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски“.
Наводно, според информациите кои Ефтов ги добива од Петровски, „Николоски веќе прави коалиција со моќни медиуми и новинари, како и со дел од тајкуните блиски на ВМРО ДПМНЕ да го поддржат во лидерската битка за тронот на партијата“.
Не е за занемарување ни податокот, ако е точен, кој Ефтов ги открива во својата најава за тоа дека „Николоски е производ на Груевски… беше избран да биде Претседател на младината на ВМРО-ДПМНЕ по оставката на Игор Гиевски кој (според Петровски), сега ги води бизнисите на Мицкоски“.
Без оглед на тоа колку се точни или неточни сите информации кои можат да излезат од ликови како Ефтов и Петровски, едно е сосема јасно и видливо – агонијата на Мицкоски продолжува.